ФИФ-про ја поздрави одлуката на ИФАБ да формира експертска група за измени на правилата, кои подобро би ги заштитиле здравјето и безбедноста на фудбалерите
Интернационалната федерација на професионалните фудбалери (ФИФ-про) е задоволна што Интернационалниот одбор на фудбалските асоцијации (ИФАБ) одлучи да формира експертска група за измени на правилата, кои подобро би ги заштитиле здравјето и безбедноста на професионалните фудбалери што, можеби, претрпеле потрес на мозокот, пишува во соопштението на ФИФ-про. Голем број неодамнешни случаи со играчи на Светското првенство, квалификациите за Европското првенство и во Лигата на шампионите, истакнат колку е критично ова прашање.
– Како поранешен играч и сега лекар што работи на подобрување на здравјето и безбедноста на фудбалерите, задоволен сум дека ИФАБ ја сфаќа важноста да се разгледаат правилата што се однесуваат на потрес на мозокот. Во текот на претходните шест години, ФИФ-про препорача до ФИФА и до другите фудбалски чинители да го зголемат на 10 минути времето во кое лекарот може да процени играч со потенцијален потрес на мозокот. Целосно би прифатиле какви било промени во правилата на играта што ќе го олеснат овој неопходен 10-минутен период, како што е употребата на привремена замена за тоа време – рече, меѓу другото, главниот медицински директор на ФИФ-про.
Од ФИФ-про велат дека ќе продолжат да водат кампања за ФИФА и другите организатори на натпревари да воведат дополнителни регулативи и протоколи, кои се надвор од опсегот на ИФАБ, што ќе им обезбедат на медицинските тимови оптимално време и услови за заштита на здравјето и безбедноста на играчите. Според ФИФ-про треба да се вклучи и задолжително присуство на независни лекари на мечевите за да им помогнат на лекарите на тимовите за тоа дали фудбалерите со потрес на мозокот можат да продолжат да играат. Шестдневниот протокол за потрес на мозокот што го договорија лекарите што ги претставуваат ФИФА, Светската рагби-федерација, Интернационалниот олимписки комитет и други спортски организации не треба да биде само упатство, туку да биде вклучено во фудбалски прописи и протоколи. Овие дополнителни мерки ќе помогнат да се осигуриме дека играч со потрес не само што нема да продолжи да игра на натпреварот, туку ќе се следи и во деновите и седмиците по потрес на мозокот, велат од ФИФ-про.
„По презентацијата од водечки експерт за потрес на мозокот во спортот, се разговараше за можните опции за процена и управување со ситуациите со потрес на мозокот за време на натпревар. Учесниците се согласија дека сите решенија треба да ги земат предвид и благосостојбата на играчите и потребата да се обезбеди спортска правичност. Со оглед на сложената природа за процена и управување на ситуациите со потрес на мозокот на различни нивоа на игра, членовите препорачаа експертска група да се фокусира на оваа важна тема во наредните месеци“, пишува, меѓу другото, во соопштението на ИФАБ.