Фото: Игор Бансколиев

Во моментов сме еуфорични, заслужуваме да славиме, но, исто така, мора да имаме предвид дека уште ништо не сме постигнале. Сега ќе славиме, но од утре се враќаме на работа, бидејќи немаме многу време за подготовки за мечот со Грузија. Се надевам дека конечно, по 30 години, ќе ја видиме Македонија на ЕП, рече селекторот Ангеловски. Македонската репрезентација во решавачкиот меч за пласман на континенталното првенство и гостува на Грузија, на 12 ноември

Македонија ја дели само еден натпревар од историско прво учество на едно големо фудбалско натпреварување, во случајов на Европското првенство (ЕП) што треба да се одржи в година во 12 земји. Во полуфиналето од плејофот на Лигата на нации (ЛН), во циклусот квалификации за ЕП, Македонија во четвртокот го совлада Косово со 2-1, на празната арена „Тодор Проески“ во Скопје, а во решавачкиот меч за пласман на континенталното првенство ќе се сретне со Грузија, на гости, во Тбилиси, на 12 ноември.
– Тежок натпревар. Кога го постигнав голот, не можам да го опишам тоа чувство, како „да ми падна камен од срцето“. Сепак, работата не е завршена, ние живееме за мечот со Грузија, ќе направиме сѐ за да го добиеме – изјави стрелецот на вториот гол Дарко Велковски.
Огромна беше радоста на македонските фудбалери и на стручниот штаб по мечот. Но факт е дека е завршена само половината од работата и дуелот со Грузија допрва претстои. На тоа потсети и селекторот Игор Ангеловски, кој, разбирливо, беше радосен, но и посочи дека треба да се остане „цврсто на земја“.
– Во моментов сме еуфорични, заслужуваме да славиме, но, исто така, мора да имаме предвид дека уште ништо не сме постигнале. Сега ќе славиме, но од утре се враќаме на работа, бидејќи немаме многу време за подготовки за мечот со Грузија. Се надевам дека конечно, по 30 години, ќе ја видиме Македонија на ЕП – рече Ангеловски по средбата.

За Македонија нема одмор по дуелот со Косово. Веќе утре е натпреварот против Естонија во Талин, а в среда дуелот со Грузија во Скопје, во новиот циклус на ЛН, лига Ц, група 2. Минатиот месец Македонија ѝ гостуваше на Грузија (беше 1-1), што значи дека во период од три месеца двете репрезентации ќе одиграат три натпревари меѓу себе. Ангеловски најави дека нема да калкулира со составот или нешто битно да менува на тактички план.

– Можеби е добро што често играме меѓу себе, подобро ќе се запознаеме и ќе нема изненадувања. На натпреварите во ЛН им посветуваме максимално внимание, мислам дека е полесно преку нив да се стигне до завршницата на ЕП, отколку преку регуларните квалификации, кога во група имате противници како Шпанија, Италија, Англија, Холандија, Полска итн. На тој начин Македонија стигна до финалето на плејофот, па затоа и на мечевите во овој циклус им посветуваме должно внимание, односно желбата е во групата во која се Грузија, Ерменија и Естонија да бидеме први, да се пласираме во повисок ранг, во лига Б – вели Ангеловски.

 

 

 

[email protected]