Неговиот трансфер од Реал Мадрид во Јувентус за 117 милиони евра (сума според трансфермаркт) е четвртиот најскап во историјата на фудбалот
Португалецот Кристијано Роналдо и официјално направи трансфер и по осум години во шпанскиот прволигаш, актуелниот европски фудбалски првак Реал Мадрид, во следните четири треба да настапува во италијанскиот шампион Јувентус.
Според информациите, трансферот е вреден 112 милиони евра според шпанскиот весник „Марка“ (117 милиони евра според специјализираниот сајт трансфермаркт). Во информацијата од Јувентус пишува дека 100 милиони се за Реал (за две години), 12 милиони за дополнителни трошоци, како и неодредена сума за солидарниот фонд според правилата на ФИФА. Роландо потпишал четиригодишен договор.
Со таа трансфер-сума Роналдо стана седмиот фудбалер за чиј трансфер биле платени барем 100 милиони евра, но меѓу нив тој е највозрасниот, со 33 години. На листата и понатаму води Бразилецот Нејмар, со ланскиот трансфер од Барселона во Пари сен Жермен за 222 милиони евра, а потоа се и Французинот Килиан Мбапе од Монако во ПСЖ за 180, Бразилецот Филипе Кутињо од Ливерпул во Барселона за 125, Французинот Осман Дембеле од Борусија Дортмунд во Барселона за 115, неговиот сонародник Пол Погба од Јувентус во Манчестер јунајтед за 105 и Велшанецот Герет Бејл од Тотенхем во Реал Мадрид за 101 милион евра (сите суми се од трансфермаркт).
На листата со возраст зад Роналдо се Нејмар и Кутињо, кои во време на трансферите имале по 25 години, а потоа следуваат Бејл со 24, Погба со 23, Дембеле со 20 и Мбапе со 19 години.
Со трансферот на Роналдо Јувентус постави нов италијански рекорд, кој и досега го држеше истиот клуб, со 90-те милиони платени за Гонзало Игуаин од Наполи.