Селекторот Игор Ангеловски вели дека тоа ќе биде сосема поинаков дуел од претходните два против Грузијците есенва во Лигата на нациите, кои завршија без победник
ФУДБАЛ – ПРЕД МЕЧОТ ГРУЗИЈА – МАКЕДОНИЈА ЗА ПЛАСМАН НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО
Македонската фудбалска репрезентација вчера ги почна мини-подготовките за историскиот дуел против Грузија (в четврток во Тбилиси) во плејофот во Лигата на нациите (ЛН) за пласман на Европското првенство (ЕП) в година. Повеќето репрезентативци вчера напладне се појавија на првата прозивка на селекторот Игор Ангеловски, а во попладневните часови требаше да пристигнат капитенот Горан Пандев, Елиф Елмас, Стефан Ристовски, Тихомир Костадинов и Аријан Адеми.
– Четири години го чекаме овој натпревар, сите посакуваме триумф, сакаме да ја израдуваме Македонија и да се пласираме на завршниот турнир на Европското првенство. Нема да биде лесно, но верувам дека ние ќе бидеме победници – изјави Илија Несторовски, напаѓачот на италијанскиот прволигаш Удинезе.
Покрај натпреварот против Грузија, во ноемврискиот термин за мечеви на репрезентациите, Македонија треба да игра и со репрезентациите на Естонија и на Ерменија, на 15 ноември, односно на 18 ноември, во последните две кола од групната фаза од втората сезона на Лигата на нациите.
Македонскиот селектор Ангеловски останува спокоен и оптимистички настроен пред решавачкиот дуел со Грузија, трет во период од само три месеци. Претходните два завршија без победник, 1-1, двата во рамките на новата сезона од Лигата на нациите.
– Ова ќе биде сосема поинаков натпревар од претходните два, но очекувам да одиграме на највисоко можно ниво и да победиме. Играме на гости, но мирни сме, не чувствуваме никаков посебен притисок бидејќи Македонија има искусни, квалитетни фудбалери, кои имаат одиграно многу вакви натпревари – вели селекторот Ангеловски.
Победникот од мечот Грузија – Македонија ќе игра на континенталното првенство в година, во групата Ц, заедно со репрезентациите на Холандија, Австрија и на Украина, а средбите треба да се играат во Букурешт (Романија) и во Амстердам (Холандија). Во другите плејоф-двојки за пласман на ЕП играат Србија – Шкотска, Унгарија – Исланд и Северна Ирска – Словачка.