Македонскиот првак Шкендија како носител ќе влезе во денешната ждрепка напладне за двојките во квалификациите за пласман во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), која ќе ја има 65-та сезона.
Можни противници се Судува (Литванија), Валета (Малта), Сараево (БиХ), Пјаст (Полска), Клуж (Романија), Ференцварош (Унгарија), Калју (Естонија), Сутјеска (Црна Гора), Партизани (Албанија), Валур (Исланд), Линфилд (Северна Ирска), Торшавн (Фарски Острови), Рига (Летонија), Арарат (Ерменија), Сабуртало (Грузија) и победникот на претквалификацискиот турнир.
Во групата носители се и неколку клубови со кои Шкендија играше во минатите европски сезони, како ХЈК од Финска, Њу сеинтс од Велс, Шериф од Молдавија и Розенборг од Норвешка.
Денеска пред ждрепката тимовите треба да бидат поделени во три групи, со по пет или шест носители и неносители, и од тие екипи ќе бидат влечени двојките. Веднаш по ждрепката за првото коло ќе бидат одредени и можните двојки за второто коло од квалификациите.
На патот до групната фаза на ЛШ тимовите треба да поминат четири квалификациски кола. Според правилата, секој елиминиран тим во некое квалификациско коло продолжува во квалификациите за Лига Европа (ЛЕ), а елиминираните во плејофот (четвртото коло) за ЛШ, пак, ќе играат во групната фаза на ЛЕ.
За денеска е предвидена и ждрепката за првото коло (утре и за второто) од квалификациите за Лига Европа, во кои македонските тимови, Академија Пандев, Шкупи и Македонија ЃП не се носители.