Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ), меѓународното тело што е креатор на фудбалски правила, разговараше за проблемите околу
времето на игра сезонава и треба повторно да расправа кога ќе се состане неделава, кога ќе го разгледа и успехот на построгиот пристап кон прекините на Светското првенство, ќе се осврне на тоа како постојните правила на игра, како што се максимум шест секунди за голманите да ја држат топката, може да се применуваат поконзистентно, а ќе се разговара и дали долгогодишната желба на Алекс Фергусон, да има надворешен мерач на времето за игра, е реална можност, пишува „Скај спорт“
ФУДБАЛ – НЕДЕЛАВА СОСТАНОК НА ИФАБ
Речиси во половина од времетраењето мечевите во Премиер-лигата се неактивни, изгубени поради губење време, одлуки од системот видеопомошник-судија (ВАР) и други паузи во играта, а таа бројка се зголемува, пишува „Скај спорт“.
Во просек, активна фудбалска игра има само 55,9 проценти од натпреварите сезонава, што е најниско во претходните 11 години, од почетокот на бележењето на оваа статистичка категорија, и е во растечки пад во осум од тие сезони. Доаѓањето на системот ВАР не ја промени надолната траекторија, а имаше и натпросечни падови на активната игра во текот на изминатите две сезони.
Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ), меѓународното тело кое е креатор на фудбалски правила, разговараше за проблемите околу времето на игра сезонава и треба повторно да расправа кога ќе се состане неделава, пишува „Скај спорт“.
НАДВОРЕШЕН МЕРАЧ НА ВРЕМЕ?
Дополнителното време го достигна највисокото ниво на сите времиња сезонава, во моментов во просек од околу осум минути во двете полувремиња, што помага да се ублажи загубеното време предизвикано од прегледите на ВАР и новото правило за пет замени. Сепак, активната игра се најде на најнискиот сооднос забележан досега, со помалку од 55 минути.
Губење време не изолиран проблем во Премиер-лигата, тоа се случува во лигите низ Европа, при што англиските премиерлигаши се рангирани само зад холандската лига со 59,1 отсто и Лига 1 со 57,4 за активно време на игра, а Шкотска има 52,3 насто, англиската Премиер-лига 54, шпанската Ла лига 54,5 отсто…, пишува „Скај спорт“. На мечот Кристал Палас – Лидс имало најмалку активна игра сезонава, од само 43 минути и 46 секунди, а натпреварот имал само еден преглед на ВАР. Податоците откриваат дека активноста во играта се намалува и сугерираат дека губењето време се зголемува, пишува „Скај спорт“.
Губењето време не е ништо ново, се разбира. Сер Алекс Фергусон се осврна на ова прашање по поразот на Манчестер јунајтед од Тотенхем, со 3-2, во 2012 година.
– Недостиг во играта е тоа што судиите се одговорни за времето. Речиси е 2013 година и судијата уште има контрола врз тоа. Дадоа четири минути. Тоа е навреда. Тоа е смешно. Тоа ви ја ускратува соодветната шанса да победите на фудбалскиот натпревар. Имаше шест замени и тренерот влезе. Тоа се четири минути веднаш. Голманот сигурно потроши две минути. Тие трошеа време при секој удар. Тоа е очигледно за сите – рече Фергусон.
Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ) ќе го разгледа и успехот на построгиот пристап кон прекините на ланското Светско фудбалско првенство и ќе се осврне на тоа како постојните правила на играта, како што се максимум шест секунди за голманите да ја држат топката, може да се применуваат поконзистентно. Исто така, ќе се разговара дали долгогодишната желба на Фергусон, да има надворешен мерач на времето за игра во фудбалот, е реална можност.
Светското првенство (СП) во Катар имаше просечно 10 минути и 23 секунди дополнително време во двете полувремиња, без продолженијата. Во просек, секој меч вклучуваше 58 минути и четири секунди игра во игра, повеќе од која било од најдобрите европски лиги сезонава.
КОЛИНА: ЛУЃЕТО САКААТ ДА ГЛЕДААТ ПОВЕЌЕ ФУДБАЛ
– Луѓето сакаат да гледаат фудбал, повеќе фудбал. И од нас со години се бара да направиме нешто за тоа. Натпревари што траат дури и помалку од 50 минути активно време е нешто што се случува многу одамна. Веќе на Светското првенство во 2018 година побаравме од судиите попрецизно да го пресметаат времето на прекини што треба да се додаде на крајот од секое полувреме – рече пред ланското Светско првенство претседателот на Комитетот за судии на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Пјерлуиџи Колина.
Џејми Карагер беше меѓу поддржувачите на размислувањето на Колина.
– Уживам во времето што се додава на Светското првенство. Има премногу губење време во фудбалот – напиша тој на Твитер, пренесува „Скај спорт“.
Податоците посочуваат дека просечното дополнително време се намалило за 25 проценти во текот на минатогодишното Светско првенство, сугерирајќи дека фудбалерите сѐ помалку задржувале време на тој Мундијал, како резултат на тоа што знаеле дека секако ќе се додаде време за игра, пишува „Скај спорт“. Оттука, расте барањето за слични мерки што треба да се спроведат на домашно ниво.
– Мислам дека за да имаме натпревар од 60 минути, ќе треба да има проби. Мора да ги погледнете сите последици, позитивните влијанија и потенцијалните негативни последици од тоа, бидејќи тоа е многу значајна промена во играта. Но се надевам дека тие тестирања ќе се одржат. Ефективното време на натпревар е нешто важно и има многу разговори за тоа. Дел од тоа е одговорност на судијата, се разбира, за да се осигури дека играта брзо се рестартира и да се осигури дека тактиките за одложување и тактиките за губење време се решаваат. Го видовме начинот на кој ФИФА се справи со тоа на Светското првенство со дополнителното време, што беше невообичаено. Традиционално беше поинаку од она што го гледавме досега во најдобрите пет европски лиги. Од 16-то коло од Премиер-лигата сезонава, видовме зголемување на ефективно време на игра и видовме повеќе казни за задржување на времето. Значи, работите се случуваат. Не е баш во согласност со она што им беше кажано на официјалните лица да го направат на Светското првенство. Она што го видовме таму беше можеби и од повеќето можности за прослави по постигнат гол, што можеби беше дозволено да траат уште малку. Мислам дека е правилно да продолжиме и потоа да разговараме на крајот од сезоната за тоа дали правиме доволно, дали можеме да направиме повеќе и колку одлучно треба да интервенираме за тактиките за задржување време. Но јас сум голем поборник за да се осигуриме дека ги овластуваме судиите да преземат акција против играчите што го задржуваат времето и оние што веднаш застануваат пред слободните удари за да спречат да бидат изведувани – вели некогашниот фудбалски судија Хауард Веб.