Фото: Игор Бансколиев

Токму во контекст на „проблемот со бездомните кучиња како повеќегодишен проблем“ и самостојното излегување накрај со низа наши „повеќегодишни хронични проблеми“, во јавноста се отвори дилемата дали ние воопшто препознаваме потенцијал кај себе да се фатиме во костец со некаков општествен проблем, без да бараме асистенција од Брисел или Вашингтон?! Во ваквите околности и барањето помош од Брисел за справување со кучињата скитници постои и една друга димензија. Психолозите и социолозите со кои се консултиравме нагласуваат дека „не само сега туку постојано праќаме сигнали до целата меѓународна заедница дека не сме подготвени ефикасно да ги решиме ниту наједноставните општествени предизвици, а камоли да влеземе во костец со решавање длабоки и хронични сложени системски општествени слабости“! Дали ваквите констатации на повеќето наши интелектуалци се престроги?

Демонстрација на системски слабости и сериозни автодискредитации

Последниве денови македонската јавност е преплавена со регистрирани инциденти за напади на кучиња врз граѓани. Но и обратно, сведочиме на самоиницијативно преземени чекори на граѓаните за пресметка со бездомните кучиња надвор од законските регулативи.
Тоа резултира со отворање жестока општествена дебата за проблемот со бездомните кучиња и (дис)функционалноста на нашите институции и држава.
Имено, во врска со „кучињата како општествен феномен“, на една страна застанаа оние што бараат кучињата да се тргнат од градските улици, додека на друга оние што се залагаат за хуман однос кон бездомните животни. Во врска со вториот дел од прашањето, имено за „функционалноста на институциите“, имаше помалку дилеми. А дебата како дебата, секој со своите аргументи, карванот секако врви, сè додека во целата работа не се вклучи централната власт, која најави дека за овој проблем ќе бара помош, ни повеќе ни помалку, туку директно од – Европската Унија.

Ако не сме фер кон самите себе, како очекуваме некој однадвор да биде фер кон нас?

Премиерот Ковачевски, во изјава пред македонската јавност, феноменот со бездомните кучиња го издигна на ниво на високорангиран општествен проблем, во кој треба да се вклучат и надворешни фактори и програми од меѓународната заедница. Како опција беа споменати иницијативи и разговори со соодветните сектори во Брисел за соработка преку ИПАРД-програмите, за да се направи модел на стационар за бездомните кучиња и така да се реши овој повеќегодишен проблем.
Токму во контекстот на „излегувањето накрај и решавањето повеќегодишни наши проблеми“, во јавноста се појавија реакции, при што реално се отвори и дилемата „дали ние воопшто препознаваме потенцијал кај себе да се фатиме во костец со некаков општествен проблем, без да бараме асистенција од Брисел или Вашингтон“?!
Во целата оваа работа со барањето помош од Брисел за справување со кучињата скитници постои и една друга димензија, која е целосно поразителна. Според психолозите и социолозите со кои се консултиравме, „не само сега туку постојано до целата меѓународна заедница праќаме сигнали дека не сме подготвени ниту за наједноставни општествени предизвици, а камоли да влеземе во костец со решавање длабоки и хронични сложени системски општествени слабости“!
Надоврзувајќи се на ваквата констатација, други наши соговорници, од областа на политиката и правото, одат уште подалеку во своите размислувања и издвојуваат дека „поради ваквите состојби, не треба да нè чуди што истата таа меѓународна заедница си зема за слобода постојано да ни испорачува разни фалшиви решенија, како што беше ’францускиот предлог’, само затоа што знае дека самите не сме способни да ги решаваме проблемите и ќе прифатиме какво било решение однадвор, па дури и на сопствена штета“.

Кучињата како феномен и општествена слабост во сегментот на безбедноста на нашите граѓани едноставно покажаа дека ОБСЕ е преголем залак за нас

Неодамна Македонија го презеде претседавањето со ОБСЕ, најголемата организација што треба да се грижи за европската безбедност. Говорејќи за приоритетите, министерот Османи најави дека ќе се бараат модалитети како да се ѝ стави крај на војната во Украина, а Русија да се врати на постулатите врз кои почива ОБСЕ. Парадоксално е земја што не може сама да реши и најобичен банален проблем со кучињата на своите улици да најавува дека ќе работи на решавање конфликт на глобално ниво, за кој решенија немаат ниту многу поголеми и помоќни светски играчи.
Дипломатска практика е секогаш добро да се внимава каков сигнал се испраќа кај меѓународната заедница, особено сега, кога сме на почетокот на преговорите со ЕУ. Според повеќето политички аналитичари и дипломати со кои се консултиравме, „Брисел од нас очекува сериозна борба со корупцијата, владеење на правото во државата, ефикасна администрација, функционална економија, а ние заглавивме со бездомните кучиња“. Нашите соговорници го издвојуваат размислувањето дека „наместо ИПАРД-фондовите да се користат за развој на македонското земјоделство, особено во фокусот на новите светски превирања и сè поголемиот недостиг од храна, ние ќе ги користиме за градење стационари за кучиња, додека земјоделството пропаѓа, а граѓаните купуваат скапа увезена храна“.
Затоа повеќе од важно е да престане практиката на самоомаловажување, деградирање и барање помош за сè и сешто, туку е потребно конечно да се засукаат ракавите и да се сработи нешто конкретно. „Ако се нема капацитет, тогаш треба да се има барем доблест и да им се даде можност на способни и кадарни луѓе, кои ќе знаат да се справат и со многу посериозни предизвици пред кои е исправена државата, а не само со бездомните кучиња“, констатираат соговорниците.

Да престане девалвирањето на државата

Познавачите на состојбите во надворешнополитичката сфера се категорични дека Македонија не смее да се доведува во ситуација во очите на меѓународната заедница да изгледа беспомошно дури и кога станува збор за најбанални и решливи проблеми.
– Ваквите изјави во потконтекст зборуваат многу. Тоа се работи што треба да си ги решат надлежните служби, а не Брисел да го оптоваруваме со нашите бездомни кучиња. Воопшто не е чудно што имаме нефункционална држава, затоа што некомпетентни луѓе ни ја водат земјата – вели Драган Јањатов, поранешен дипломат.
Според него, Македонија не покажува вистински капацитет да си ги решава сопствените проблеми и тоа лошо изгледа однадвор.
– Одамна тврдам дека оваа земја е село без кучиња, притоа не мислам на оние бездомните по улиците, кои ги имаме и отповеќе. За жал ,таа моја констатација се потврдува. Ако не можеме да се справиме со домашните кучиња, што ќе правиме кога ќе ни дојдат европските – истакнува Јањатов, притоа употребувајќи симболика за европските предизвици со кои ќе треба да се соочи земјата во периодот што следува.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски оди чекор понатаму, тврдејќи дека ние, за жал, постојано, и свесно и несвесно, испраќаме сигнали до меѓународната заедница за нашата хронична неспособност.
– Ние цело време испраќаме пораки дека не сме способни за ништо, поточно партиите што претендираат со „султански поставените кадри“ да ја предводат оваа држава испраќаат чиста порака, самоидентификувајќи се дека се неспособни за каков било предизвик – вели Пекевски.
Пекевски кратко констатира дека таквиот однос не ѝ остава на земјава премногу избор за нејзината иднина.


Одгласи на социјалните мрежи

По најавите дека државата ќе побара помош од ЕУ за проблемот со бездомните кучиња, социјалните мрежи буквално зовреа со безброј иронични, но и шеговити коментари.
Издвојуваме само неколку од тие објави на социјалната мрежа Твитер во врска со иницијативата за помош до Брисел.
„Колку ли ни се смеат“; „Бараат камшикари од Брисел за кучињата“;
„На раскрсница ме нападнаа оси, да го повикаме Брисел да помогне“; „Сме барале помош од Брисел за кучиња? Кој бизарен ден“; „Најарно ќе биде да побарате психијатриска помош од Брисел,…“, се вели во некои од реакциите на социјалните мрежи.