ФУДБАЛ
Тимовите што ќе се пласираат во осминафиналето ќе бидат поделени на носители, како за тениски турнир на кој се одвоени првите двајца до финалето, наместо сегашниот систем за извлекување нова ждрепка за секоја рунда, пишува АП. Од другите измени, можни се меѓусебни натпревари на тимови од иста земја веќе во групната фаза, а и од осминафиналето (во моментов, тимовите од една земја не можат да се сретнат меѓу себе пред четврт- финалето)
Тимовите од иста земја ќе имаат повеќе шанси да играат меѓу себе кога Лигата на шампионите и другите европски клупски натпреварувања ќе се играат со новиот систем на натпревари од следната година, соопшти Европската фудбалска унија (УЕФА), пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Ќе има отворена ждрепка за осминафиналето без ограничувањето за дуел на екипи од иста земја, а два тима од една земја би можеле да играат меѓу себе и во новата лигашка фаза (36 тима во една група) „за да се избегне ќор-сокак во ждрепката“, велат од УЕФА, пренесе АП.
Во моментов, тимовите од иста земја се секогаш одвоени во традиционалната групна фаза и не можат да се сретнат меѓу себе пред четврт-финалето. Тоа ќе се смени од сезоната 2024/2025 кога во Лигата на шампионите, Лига Европа и во Конференциската лига ќе почне да се применува формат со по 36 тима со единствена табела. Екипите во Лигата на шампионите и во Лига Европа ќе одиграат по осум натпревари во првенствената фаза, а екипите од Конференциската лига ќе имаат шест кола.
– По исклучок, максимум еден натпревар по клуб против друг клуб од истата асоцијација може да биде дозволен за земји со четири или повеќе клубови во лигашката фаза – се вели во писмото на УЕФА до европските фудбалски претставници, пренесе АП.
Во писмото се потврдени и други промени на традиционалниот изглед на клупските натпреварувања на УЕФА. Тимовите што ќе се пласираат во осминафиналето ќе бидат поделени на носители, како за тениски турнир на кој се одвоени првите двајца до финалето, наместо сегашниот систем за извлекување нова ждрепка за секоја рунда. УЕФА соопшти дека ова е „за да се зајакне синергијата помеѓу лигашките и нокаут-фазите и да се обезбедат повеќе спортски стимулации за лигашката фаза“.
Тимот што ќе биде на врвот на табелата со 36 екипи ќе биде носител број 1, а тие од второто до осмото место ќе бидат соодветно носители во осминафиналето. Екипите пласирани од деветтото до 16-тото место ќе бидат носители во новата нокаут рунда од плејофот во февруари, а ќе играат со клубовите што ќе се пласираат од 17-то до 24-то место.
Новите формати ќе создадат повеќе натпревари во средината на неделата, а Лигата на шампионите треба да почне со ексклузивна недела, која ќе се игра од вторник до четврток. Една недела подоцна, Лига Европа треба да ја има својата ексклузивна недела…
Лигашките фази во ЛШ и во ЛЕ ќе се играат до јануари со тоа што Лигата на шампионите ќе ги има седмото и осмото коло од 21 до 29 јануари.