Првите фудбалски тимови, кон крајот на 19 век, имале тенденција да играат со осум офанзивни играчи, во формацијата 1-1-8, поуспешните тимови играле со помалку напаѓачи, 1-2-7 или 2-2-6, но во време кога фудбалот се создава како спорт, идејата тимот да се брани никому не му паѓала на памет. Како што играта станувала пософистицирана така доаѓале и формациите, кои постојано се менувале

ФУДБАЛОТ И ТАКТИКИТЕ (1)

Фудбалските тактики постојат откако е „измислена“ оваа игра, најпопуларна во светот. Првично, фудбалските формации и оние што се користеле во рагбито биле тесно поврзани, при што играчите главно трчале заедно и го напаѓале противничкиот тим. Како што играта станувала пософистицирана така доаѓале и формациите, кои постојано се менувале.
Првите фудбалски тимови кон крајот на 19 век имале тенденција да играат со дури осум офанзивни играчи, во формацијата 1-1-8. Поуспешните тимови од тоа време играле со седум напаѓачи, два бека центархалфа и со еден центархалф, 1-2-7 или 2-2-6. Во тоа време кога фудбалот се создава како спорт, идејата тимот да се брани никому не му паѓала на памет. Фудбалот бил напаѓачки ориентиран, а модерно било да се игра само со еден дефанзивец и со еден играч во средниот ред.

БЕЗ ГОЛОВИ СО 14 НАПАЃАЧИ

На првиот официјален меѓународен натпревар Шкотска – Англија во Глазгов во 1872 година, Англичаните играле во формацијата 1-1-8 и 1-2-7 во различни периоди, а Шкотите во 2-2-6. Англија зависела од индивидуалните квалитети на играчите, а Шкотска играла со повеќе допири на топката и со повеќе додавања. Имајќи предвид дека на теренот имало 14 напаѓачи, изненадувачки е што натпреварот завршил без голови, 0-0. Играта на Англичаните била базирана врз индивидуалните вештини, на дриблинзите. Влијание за ваквиот начин на игра имало и тогашното правило за офсајд, кое не дозволувало играчот да биде пред топката. Додавањето на топката првично не било нешто на кое публиката, новинарите, па дури и играчите му придавале важност и не го сметале за битно за начинот на кој треба да се игра фудбалот.
Кон крајот на 1880-тите, Престон Норт енд и Блекбурн станале многу успешни, ангажирајќи играчи од Шкотска и воведувајќи т.н. „шкотски стил“. Престон во 1888 година го освојува првото првенство на Англија без ниту еден загубен натпревар и го добива прекарот „непобедливи“. Престон, исто така, го освои и ФА-купот во 1889 година, користејќи ја формацијата 2-3-5. Таа формација е позната и како „пирамида“ и нуди рамнотежа помеѓу нападот и одбраната. Бековите биле одговорни за покривање на крилните противнички играчи, а центархалфовите или играчите од средниот ред за најофанзивните играчи на ривалот, но биле задолжени и за поврзување на одбраната со нападот. Иако е многу поразлична од модерната игра, оваа формација ги постави темелите на фудбалската игра што уште постојат. Еден од центархалфовите бил одговорен за противничкиот центарфор, но имал и задача да ја проследи топката до напаѓачите што е можно побрзо и поефикасно.

ОФСАЈДОТ ДОНЕСЕ ПОВЕЌЕ ПРОМЕНИ

Успехот на Престон ги навел и другите клубови да ја прифатат таа формација што ќе доминира во фудбалот на Островот до 1925 година, кога ФА на Англија решила да го промени правилото за офсајд. Таа промена го намалила бројот на соиграчите што му биле потребни на најистурениот напаѓач, од три на два. Таа промена во правилото ќе создаде и нова формација. Идејата била центархалфот, наместо двајцата бекови, да ја преземе одговорноста за офсајд-стапицата. Бековите играле понапред од центархалфот, а еден од напаѓачите бил вратен во средината на теренот. Според тоа, формацијата била сменета од 2-3-5 во 3-3-4 позната и како ВМ.
Овој систем го разви она што подоцна ќе стане познато како игра преку контранапади, а најизразит претставник на таквиот начин на игра бил Арсенал, што потоа ќе го прифатат повеќето англиски тимови. Формацијата 3-3-4 ќе доминира во Англија и во поголемиот дел од Европа до 1950 година, а обидите на клубовите да најдат начин како да ѝ се спротивстават ќе доведат до нешто сосема поинакво, револуционерно во фудбалот, со начинот на игра на унгарската „лесна коњица“. Л.Д.