Како дел од серијалот на „Скај спорт“, поранешниот плејмејкер на Реал Мадрид, Естебан Гранеро, ја објаснува својата пионерска улога во
воведувањето на вештачката интелигенција (ВИ) во фудбалот
Кога фудбалската кариера на Естебан Гранеро завршуваше и тој размислуваше што да прави следно, почна да ја истражува употребата на податоците во фудбалот. Имаше толку многу од тоа на располагање. Но како, се прашуваше тој, може да се искористи поефикасно? Така се создаде „Олоцип“. Компанијата, чиј основач и извршен директор е Гранеро, поранешен плејмејкер на Реал Мадрид, е специјализирана за развој и за примена на вештачка интелигенција (ВИ) во фудбалот и е активна од 2016 година, долго пред технологијата да експлодира во јавната свест, пишува „Скај спорт“.
– Го правевме ова кога речиси никој не зборуваше за ВИ во спортот. Ова е предност што ја имаме сега кога ВИ им е на усните на сите – изјави Гранеро за „Скај спорт“, како дел од серијата „Иднина на фудбалот“.
Можеби е соодветно што Олоцип виде дека сето ова доаѓа со оглед на нивната основна цел „да ја преместат анализата од минатото во иднината“, како што вели Гранеро, дозволувајќи им на клубовите, тренерите и играчите да донесуваат подобро информирани одлуки околу тактиките, трансферите и многу повеќе. Тимот научници од Мадрид, седиштето во Олоцип, помина со години развивајќи ја својата понуда, обработувајќи огромни количества податоци и користејќи сложени алгоритми за да им обезбеди на своите клиенти анализа што е предвидлива и пропишувачка, а не само описна.
Неодамнешниот бум на ВИ остави многумина загрижени поради нејзините потенцијални ризици за општеството. Некои експерти побараа развојот на технологијата да биде забавен, но други го сметаат за причина за возбуда и Гранеро е еден од нив, пишува „Скај спорт“.
– Влијанието на ВИ е споредливо само со влијанието на електричната енергија пред 100 и повеќе години. Не е само примената на ВИ, туку и како таа ја трансформира целата технологија. Влијанието е глобално и многу пошироко од која било друга технологија. Се разбира, има некои работи со кои треба да бидеме внимателни. Но во однос на спортот, верувам дека тоа ќе биде клучна технологија, затоа што донесувањето одлуки е доста важно – вели тој.
Технологијата на „Олоцип“ се стреми да помогне во донесувањето одлуки за време на мечевите, како и на трансфер-пазарот.
– Мислам дека ВИ, а особено „Олоцип“, мора да се фокусира на неколку работи што ја разликуваат од традиционалните податоци и првата е објективноста. ВИ може да донесе објективност во анализата на перформансите. Значи, сега не броиме само колку работи прави еден играч на еден натпревар. Мериме колкава вредност има во тимот секоја акција што ја прави секој играч. На пример, расчистување некоја ситуација, прекин, додавање. Сѐ што прави играчот има влијание врз веројатноста тимот да постигне гол или да прими.
Така, можеме да измериме колкава вредност додаваат. Ова е нешто што е голем скок за анализата, а втората работа што ја разликува ВИ од традиционалните податоци е придвижување на оваа анализа напред. Видовме што направил еден играч во минатото, но сакаме да знаеме што ќе направи во иднина. На пример, ако некој клуб ангажира играч, контекстот ќе се промени и затоа перформансите ќе се сменат. Сакаме да ја предвидиме таа промена. Единствената технологија што може да го направи тоа е ВИ – рече Гранеро.
Освен што им помага на клубовите да одлучат помеѓу потенцијалните трансфер-цели, анализата на „Олоцип“ може да се користи околу обновувањето на договорите со играчите.
– Тоа им овозможува на клубовите да видат како нивните играчи ќе се развиваат. Контекстот од година на година се менува. Не се работи само за возраста на играчот, туку и за соиграчите, тренерот, позицијата на која игра фудбалерот. На пример, секоја година луѓето мислат дека Лука Модриќ ќе има полоши перформанси од претходната година, но тој има подобри резултати. Значи, станува збор за многу други фактори, не само за возраста. Се разбира, клубовите со задоволство ја намалуваат неизвесноста околу играчите и во таа смисла – вели Гранеро.
„Олоцип“ работи со поединечни фудбалери и со агенциите што ги претставуваат.
– Ако се анализирате себеси користејќи ВИ, можете да препознаете што правите добро и лошо од објективна гледна точка. Објективноста ќе донесе подобра анализа. Ова е и многу интересно во однос на идните перформанси. Работиме многу со агенциите на предвидување на перформансите на играчите во различни контексти. Ова е многу важно за да направите добар избор во преодниот рок и да му објасните на вашиот клуб или на клубот што ве сака дека заслужувате договор или продолжување или дека не треба да ви ја намалат платата затоа што ќе играте уште подобро.
Овие работи се многу важни. Кога играчот ќе се пресели во тим, тој сигурно има неизвесност. Но оваа неизвесност може да се намали. Ако имате три понуди, можеме да ви кажеме која од овие понуди ќе биде најдобра во однос на перформансите. Ова не е само погодување. Применуваме ВИ, која е научно потврдена и дава трендови што се реални. Се разбира, тоа не е кристална топка, но е многу поблиску до иднината отколку да веруваме дека минатите перформанси ќе бидат исти во различни контекст. Ако имате само една или две одлуки да донесете, тогаш, се разбира, уште можете да правите грешки. Но ако имате стотици, ова намалување на неизвесноста може да биде многу важно – рече Гранеро
Неговиот фокус сега е да се осигури дека, преку „Олоцип“ и играчите и клубовите се опремени за она што го носи иднината.
– Фудбалот се менува, станува пофизички, а промената доаѓа побрзо. Технологијата мора да работи заедно со луѓето за да ги предвиди промените, да се приспособи и да им помогне на клубовите и на индустријата да ги олеснат овие идни трендови. Луѓето и технологијата да работат заедно е многу поефикасно отколку одделно. Технологијата нема да отпушти никого од работа, таа е само нешто што може да им помогне на луѓето да ја завршат подобрата работа. Тоа е она што се обидуваме да го направиме – вели Гранеро. Н.М.