ФИФА има цел да создаде одржливо наследство за долгорочен развој на таленти преку максимизирање на можностите на секоја асоцијација членка. Главната цел на шемата за развој на таленти е да помогне да се кренат стандардите на фудбалот на националните тимови низ светот, и за мажи и за жени, поттикнати од желбата на ФИФА за долгорочна посветеност на глобалниот развој на таленти
ФУДБАЛ – ШЕМАТА ЗА РАЗВОЈ НА ТАЛЕНТИ НА ФИФА СЕ ДВИЖИ КОН ЦЕЛОСНА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА
Шемата за развој на таленти на Светската фудбалска федерација (ФИФА) предводена од шефот за глобален фудбалски развој на ФИФА, Арсен Венгер, сега ќе оди кон фазата на целосна имплементација за да им помогне на асоцијациите членки да го исполнат својот потенцијал со тоа што ќе се осигури дека секој талентиран играч има шанса да бидат откриен и развиен, пишува ФИФА.
Главната цел на шемата за развој на таленти е да помогне да се кренат стандардите на фудбалот на националните тимови низ светот, и за мажи и за жени, поттикнати од желбата на ФИФА за долгорочна посветеност на глобалниот развој на таленти.
– Ова е фундаментален чекор кон целта за зајакнување на конкурентноста на националните тимови на глобално ниво. Имаме координиран, холистички и научен пристап за развој на патеки за таленти низ целиот свет за да му дадеме шанса на секој талент. Сакаме да одиме во земјите, сакаме да испратиме наши тренери, сакаме да создадеме академија или центар на извонредност во секоја земја и, според тоа, да развиеме таленти во период од четири години. Поради таа причина, 2023 година ќе биде многу важна година за нас – изјави Венгер.
Во декември 2022 година, Советот на ФИФА одобри распределба на средства од 200 милиони долари за покривање на оперативниот циклус од 2023 до 2026 година на оваа револуционерна иницијатива, а на состанокот во Кигали (Руанда), на 14 март, Советот одобри и збир на прописи што ги утврдуваат принципите и распределбата на финансирањето и процесот на одобрување, како и правата и обврските на здруженијата-членки.
Оперативниот циклус на шемата за развој на таленти е наменет да им обезбеди на здруженијата членки, во периодот од 2023 до 2026 година, финансиски и нефинансиски ресурси преку целосно нарачани консултантски услуги во областа на развој на таленти и високи перформанси. Од април годинава сите здруженија членки ќе можат да аплицираат за учество на годишно ниво.
Главниот фокус на шемата за развој на таленти ќе биде инвестирање во академии (да се формира барем една академија или центар на извонредност во секоја асоцијација членка до 2026 година) и во национални тимови, идентификација на таленти, елитни тренери и структурирани натпревари.
– Секоја асоцијација членка е различна, така што ќе дефинираме мерливи цели со нив. Сакаме повеќе добри примери, како Мароко или Јапонија, да покажеме дека долгорочното планирање се исплати. Сакаме секоја земја да го обезбеди најдобриот тренинг со најдобрите и сакаме да изградиме најдобра можна средина за нив – рече Венгер.
Програмата за тренери за таленти на ФИФА ќе биде уште еден важен елемент на шемата за развој на таленти бидејќи асоцијациите членки ќе имаат право да аплицираат за тренер за таленти на ФИФА, кој ќе формира и ќе спроведува обука на избрани млади играчи и локални тренери. Амбицијата е до крајот на циклусот сите асоцијации членки да имаат барем една академија/центар на извонредност со високи перформанси за играчи на возраст меѓу 12 и 15/16 години. Седум пилот-земји (Киргистанска Република, Костарика, Венецуела, Бенин, Јужна Африка, Фиџи и Финска) се веќе избрани да ја почнат програмата, а првите седум тренери за таленти на ФИФА ја почнаа својата работа во јануари годинава, пишува ФИФА. Н.М.