Фото: Маја Јаневска-Илиева

ФУДБАЛ – САМО ТРИ ДЕНА ПО ФИНАЛЕТО

Во УЕФА беа извлечени двојките за прелиминарната фаза од квалификациите за пласман во новата сезона на ЛШ, три дена откако се одигра финалето за претходната. Со новата сезона завршува форматот на елитното натпреварување што се применува од 1999 година. Сезонава ќе биде важна и за обезбедување дополнителни места во ЛШ за најуспешните асоцијации, откако две места ќе има за земјите со најдобар колективен ефект од нивните клубови во претходната сезона, пишува УЕФА

Само три дена откако беше заокружена сезоната во Лигата на шампионите, со победата на Манчестер сити во финалето на мечот со Интер во Истанбул, веќе почна новата сезона, последна пред воведувањето на новиот формат на најсилното европско клупско натпреварување.

Во седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА) беше извлечена ждрепката за прелиминарната фаза од квалификациите за пласман во Лигата на шампионите, според која, за влез во првото квалификациско коло ќе играат Атлетик клуб д’Ескалдес од Андора со Будуќност од Црна Гора и Тре пене од Сан Марино со исландскиот шампион Бреидаблик.

Исланд ќе биде домаќин на нокаут-групата на единечни натпревари од 27 до 30 јуни. Победникот ќе се пласира во првото квалификациско коло, кое се игра од 11 до 19 јули, а таа ждрепка треба да се влече во вторник. Екипите што ќе загубат во прелиминарното коло ќе се префрлат во квалификациските рунди за пласман во Конференциската лига.

Ова ќе биде 69-та сезона од елитното европско клупско натпреварување, а 32. откако беше преименувана во Лига на шампионите. Финалето е предвидено за 1 јуни 2024 година на стадионот „Вембли“ (рекорден осми пат, третпат во ерата на Лигата на шампионите, по финалињата во 2011 и во 2013 година) во Лондон, две недели пред почетокот на Европското првенство во Германија.

Со новата сезона завршува постојниот формат на Лигата на шампионите, во која досега учествуваа 32 екипи во групна фаза, поделени во осум групи. Ваквиот систем на натпревари се применува од сезоната 1999/2000. Од сезоната 2024/2025, пак, следува нова трансформација на најсилното европско клупско натпреварување, откако ќе биде воведена една група, со учество на 36 тима.

Сезонава ќе биде важна и за обезбедување дополнителни места во ЛШ за најуспешните асоцијации, откако две места ќе има за земјите со најдобар колективен ефект од нивните клубови во претходната сезона (вкупен број освоени бодови поделен со бројот на клубови-учесници), а овие две асоцијации ќе добијат по едно место за најдоброрангираниот клуб во домашната лига зад позициите за пласман во Лигата на шампионите, пишува УЕФА.

На секоја екипа ѝ се гарантирани по осум меча во таа групна фаза, според на т.н. „швајцарски систем“, против осум различни противници (по четири дома и на гости) наместо претходните шест натпревари против три тима, одиграни дома и гости. Осумте натпревари од Лигата на шампионите ќе се играат во текот на десет европски недели предвидени, а Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига ќе уживаат една недела календарска ексклузивност, пишува УЕФА. Слични промени во форматот ќе бидат применети и на Лига Европа (осум натпревари во групната фаза) и на Конференциската лига (шест меча) и во сите ќе настапуваат по 36 екипи.