Шулинчевски беше еден од најдобрите и најомилени фудбалери кај навивачите на Вардар. Неговата кариера, како активен играч во скопскиот тим, траеше близу 15 години. Популарниот Шули остави печат во македонскиот фудбал и како тренер, особено на младите категории

Петар Шулинчевски-Шули (1)

Еден од плејадата фудбалери од овие наши македонски простори што уште како 17-годишно момче во 1955 година дојде во Вардар беше и Петар Шулинчевски, популарно наречен Шули. Тој беше најмлад во онаа генерација во која имаше фудбалери што беа во скопскиот клуб уште од неговото формирање во 1947 година. Доаѓањето на Шули во редовите на македонскиот фудбалски бренд, со оглед на својата младост, некако во почетокот беше примено со резерва. Многумина не веруваа оти тој, особено по кризата што ја имаше во првите две-три години откако дојде во Вардар, не само што ќе се разигра туку ќе се вивне во фудбалските височини и ќе стане еден од столбовите на тимот. Таков пат можеби и се очекуваше, зашто, сепак, стануваше збор за младо момче дојдено од Ресен, на кое, нормално, му беше потребен еден период на адаптација во новата средина. Вардаровите тренери не се сомневаа во неговите квалитети и само го очекуваа моментот кога тој ќе биде оној вистинскиот. И навистина беше така. Вербата на луѓето од тренерскиот кампус не беше изневерена, па момчето во кое многу веруваа почна да ги покажува своите големи фудбалски потенцијали.
Времето минуваше, а Шулинчевски со своите игри ги освојуваше фудбалските вљубеници. Нешто прекуноќ се случи со него, кризата помина и блесна со сиот свој сјај. И не само тоа, оној прекар од гледачите што беше малку и навредувачки и го нарекуваа „шифоњер“ брзо беше заборавен и исфрлен од нивниот вокабулар. Шули и дотогаш, кога го нарекуваа така, не им се лутеше, свесен дека не го прикажува она што од него се очекуваше. Тој веруваше во себе и само ги чекаше своите пет минути. А, кога тие дојдоа, тогаш им покажа навистина колку вреди и од каква голема корист ќе биде за Вардар. Тремата помина, се ослободи од стегнатоста, се растрча на теренот и тој стана фудбалерот од кого многу зависеше играта на Вардар во нападот. Така, прекуноќ од „шифоњер“ Шули стана миленик на гледачите. Малку требаше да се разочара и да си се врати во Ресен, градот во кој живееше и во кој ги направи првите фудбалски чекори. Но, за среќа, не дојде до тоа и не само Вардар туку и македонскиот фудбал доби една вистинска sвезда, која и по толку години не темнее.

СО ВИШЊЕВАЦ ТРЕНЕР НА ПРВИОТ ТИМ

Во воведот кажав некои работи што беа карактеристични за Шулинчевски по доаѓањето во Вардар. Постарите генерации убаво се сеќаваат на него, тој им остана во фудбалските спомени и веројатно тие спомени никогаш нема да им се избришат. Шули по многу нешта беше посебен. Не само како фудбалер туку и како човек, а на оние фудбалери што се појавија во годините по 1980-та во минатиот век им беше и тренер, па тука дојдоа до израз и неговите квалитети како педагог. Од нив многумина стигнаа и до репрезентативниот дрес во селекциите на поранешна Југославија, а по распадот на државата и во дресот на македонската репрезентација. И денес, со кого и да се сретнам, а тоа не мора да биде човек од фудбалскиот свет, кога ќе се спомене неговото име веднаш се раѓа една асоцијација за човек со доблест, полн со позитивни особености. Ги пишувам овие редови и стравувам случајно да не не можам да најдам некој адекватен збор за да го опишам неговиот лик, а истовремено оние што не го познаваа да не помислат оти ова е само фалење и величање на неговата личност. Не, не е така, напишаното за него, особено од мојата рака, е вистинито, зашто Шули го познавав и соработувавме на почетокот од 1980-тите, кога јас бев генерален секретар на ФК Вардар, а тој еден од тренерите заедно со многу поранешни вардарови ѕвезди. Во тоа време тренерскиот кадар во Вардар беше составен од навистина звучни имиња. Тука беа Андон Дончевски, Часлав Божиновски (подоцна беше и директор на клубот), Сократ Мојсов, Методие Спасовски, Кирил Дојчиновски, Ванчо Трпевски, Златко Илиевски, Драган Мутибариќ, а кога завршија со активното играње им се приклучија и Ѓоре Јовановски, Кочо Димитровски и Борче Мицевски. Сите тие беа фудбалски педагози вооружени со знаење што секогаш ги одржуваше на високо тренерско ниво. Некогаш по потреба некои заминуваа да им помогнат на другите македонски клубови, но по година-две повторно се враќаа во Вардар.
Се сеќавам на едeн момент кога му се јавив на Шулинчевски, како генерален секретар на клубот, и му реков оти јас и претседателот Џоџа Николовски сакаме да разговараме со него, па ако нема некои неодложни работи да дојде во Клубот на пратениците. Инаку, таму често се кроеше стратегијата на Вардар, зашто тука доаѓаа не само луѓе од УО на клубот туку познати и влијателни личности од тогашниот општествено-политички живот. По моето јавување, Шули веднаш дојде на договореното место и, целиот онака вџашен, како веднаш да сакаше да праша за што станува збор, што е толку итно? Џоџа забележа оти неочекуваниот повик малку го загрижи и за да не должи веднаш му рече: „Шули, те викнавме за нешто убаво, те планираме заедно со новиот шеф на стручниот штаб Вукашин Вишњевац да го преземете првиот тим. Дали се согласуваш или ќе ти треба малку време да размислиш?“ Шули, кој со срце и душа беше врзан за Вардар, кратко одговори: „Не мораше да ме прашувате. Кој вистински вардарец не сака да биде тренер на првата екипа? Ако вашата одлука е конечна, без никакви предуслови веднаш прифаќам“.
Така, Вардар го доби новиот тренерски тандем во состав Вишњевац-Шулинчевски. Првиот беше шеф на стручниот штаб и одговараше за целокупната стручна работа во клубот, а Петар Шулинчевски беше негов прв помошник и се грижеше за реализацијата на тренинзите со првата екипа. Двајцата со другите соработници, меѓу кои беа Трпевски и Дојчиновски, не чекаа и веднаш тргнаа со подготовките за пролетниот дел од сезоната. Тогаш всушност почна да се надградува онаа екипа што ја селектираше кон крајот на 1970-тите години легендарниот Стјепан Бобек, со кого Вардар, по тригодишно играње во Втората лига, во 1979 година повторно се врати меѓу прволигашите. Во тој период Божиновски беше одговорен за работата во вардаровата школа, а повремено по потреба со Дончевски беа на кормилото и на првиот тим. Подоцна, на молба на Работнички, Дончевски му беше позајмен на дебармаалскиот клуб, со кој Вардар имаше одлична соработка и во кој практично најталентираните вардарови фудбалери се стекнуваа со неопходното искуство.

СТАТИСТИКАТА ЈА ОТСЛИКУВА ВИСТИНСКАТА ВРЕДНОСТ НА ШУЛИ

Ако сакате да се уверите во квалитетите на некој спортист, тогаш од голема корист ќе биде и статистиката. Податоците што ќе ги добиете од неа ќе ви ги презентираат сите неопходни елементи за оцена и процена на тоа за каква личност станува збор и што може од неа да се извлече за доброто на клубот. А, од статистиката за Петар Шулинчевски можеа да се видат многу интересни нешта. Од неа ќе го забележите она што го кажав погоре, оти му требаа две-три години да се адаптира на скопските услови на живот. Во првата, втората и во третата сезона откако Шули стана првотимец имаше вкупно 10 настапи на првенствените средби, што беше минорно за еден фудбалер за кој се велеше дека ќе биде вистинско засилување. Но, откако го помина оној адаптациски период, дојдоа многу поубави денови за него и со многу повеќе настапи за првата екипа. Така, веќе во четвртата сезона, а тоа беше 1958/1959, Шулинчевски забележа 15 настапи, со еден постигнат гол. Но тоа беше период кога тренерите му го бараа вистинското место во тимот, на кое ќе може да дојдат до израз сите негови квалитети. Кога конечно беше пронајдено тоа место, Шули стана оној вистинскиот. Во следната сезона, иако одигра помалку средби, 12, на виделина излегоа неговите голгетерски способности. Со постигнатите пет гола беше трет стрелец во Вардар, пред него беа Дончевски со 15 и Велковски со шест гола.
Од таа сезона стана јасно оти Вардар доби во Шулинчевски креатор на играта, особено во нападот, но и стрелец. Потоа дојдоа неговите најплодни години, во кои беше една од централните вардарови фигури. Стана стандарден во првиот тим, а сезоните ги завршуваше со три или четири постигнати гола, а во сезоната 1963/1964 стигна до 10 постигнати гола, втор зад легендарниот Сократ Мојсов, кој имаше осум погодоци повеќе. Следната сезона, која беше многу турбулентна за Вардар, зашто се случи земјотресот, кој остави голема трага не само на клубот туку на севкупното живеење во Скопје, Петар Шулинчевски повторно постигна 10 гола, но овој пат беше најефикасен во тимот, пред Сократ Мојсов, кој постигна шест погодока. Вардар, за жал, во таа сезона беше последен и требаше да се пресели во Втората лига, но тука повторно дојде до полн израз југословенската солидарност, па поради неадекватни услови за живот и за натпревари предизвикани од земјотресот, сите прволигаши се согласија Вардар и во следната сезона да игра во прволигашкото друштво. Тоа беше голем потег, кој беше поздравен од сиот свет, не само од фудбалскиот.
Вардар, пак, од своја страна ја оправда укажаната доверба и во нешто подобри услови за работа се пласира на 11-то место, со кое обезбеди опстанок во елитата, а зад себе ги остави Хајдук, Вележ, Трешњевка и Сутјеска. Шулинчевски во таа сезона одигра 12 средби, постигна еден гол. Во следната сезона, поради заминување на отслужување на воениот рок, немаше настапи, а во сезоната 1966/1967 со 14 гола и 24 одиграни натпревари тој беше најуспешниот вардарец и најзаслужен за пласманот на осмото место на табелата на Првата лига. Шулинчевски даде голем придонес и во неговата проштална сезона, 1967/1968, кога Вардар го забележа дотогаш највисокиот пласман во Првата лига, шестото место. Шули одигра 19 меча и повторно беше најефикасен, со седум гола.
За другите моменти од кариерата на Петар Шулинчевски, за освојувањето на југословенскиот куп, како и за заминувањето во САД, во екипата на Чикаго мустангс, ќе читате идната недела.


Петар Шулинчевски-Шули

Роден: во 1938 година во Белград, почина во 2015 година во Скопје
Кариера: ФК Преспа, Вардар, Чикаго мустангс (САД) и Костур (тренер)
Успеси: Со Вардар освоен Купот на Југославија во 1961 година, во три сезони прв стрелец на скопскиот тим во Првата лига, благодарение на седумте гола на Шулинчевски во сезоната 1967/1968 Вардар го забележа дотогаш најдобриот пласман во Првата лига, шестото место
Тренерска кариера: Тренер во Вардар, прв тим и млади селекции, тренер на Костур (Грција)