Како некои од најголемите фудбалски имиња на Јапонија го достигнаа врвот на спортот преку универзитет? Јапонските училишта и универзитети отсекогаш помагаат во негувањето на идните ѕвезди, тие станаа повеќе од фабрика за таленти во претходниве години, а ФИФА отиде зад сцената за да открие како
ФИФА
Успесите на Јапонија во изминатиот четврт век се уште поимпресивни кога се мерат со просечноста што им претходела, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Пред да го направи националниот тим своето деби на Светското првенство (СП) во 1998 година, јапонскиот фудбал беше далеку од суперсилите. Две и пол децении подоцна Јапонија го зацврсти своето педигре на светските првенства, откако покрај настапот на претходните седум изданија, незаборавните триумфи над Германија и над Шпанија на СП 2022 во Катар остануваат свежи во сеќавањето, а не помалку забележителни беа и незаборавните настапи на женската репрезентација во Австралија и во Нов Зеланд на годинашното СП, турнирот што Јапонија го освои во 2011 година.
Веднаш зад аголот е второто коло во ноември од квалификациите за СП 2026 и шансата за осми последователен настап за Јапонија, која победи на претходните шест меѓународни меча. ФИФА подетално разгледува како напредува земјата и клучната улога на образованието за да се оствари тоа.
МЛАДИНСКИ ФУДБАЛ
Еден од клучните моменти во јапонскиот фудбал пристигна во 1993 година, кога Џеј-лигата конечно беше формирана. По години поминати во размислување како најдобро да се спротивстави на меѓународната стагнација, напорите за професионализација на спортот конечно дадоа плод. Но, и покрај трите децении на Џеј-лигата и професионалните фудбалски тимови во речиси целата земја, аматерскиот фудбал задржува посебно место во срцето на земјата и негуваната традиција на средношколскиот фудбал за крајот на годината, која ги привлекува гледачите, млади и стари. Малку земји можат да го изедначат ова ниво на ангажман на турнирите од т.н. грасрут, што го нагласува она што го прави јапонскиот фудбал толку уникатен, пишува ФИФА.
Овие воннаставни клупски активности имаат тенденција да бидат помалку познати и често повеќе рекреативни отколку натпреварувачки. Нема големи меѓуучилишни турнири, така што оние што бараат натпреварувачка игра ја наоѓаат во претставување на локалните младински или тимови од најмладите категории. Се разбира, Јапонија има и младински академии, но иако играњето на училиште долго време се сметаше за стандардна алтернатива за тие што не влегле во академијата, сега стана опција за сѐ повеќе и повеќе играчи, пишува ФИФА.
Заедничко за најпопуларните училишта е поизрамнета средина, кон која гравитираат најдобрите тренери и играчи. Тоа, покрај фудбалската филозофија, е она што го диктира изборот на многу студенти. Некои училишта имаат повеќе од 100 члена и конкуренцијата е секогаш интензивна. Еден од најдобрите и најизненадувачки примери е јапонската легенда Кеисуке Хонда, кој, всушност, дојде до израз во средно училиште, а не во академски фудбал. Не можејќи да се пробие во тимот на Гамба Осака до 18 години, тој одлучи да игра во средното училиште, каде што ги усоврши вештините што ќе му овозможат да создаде спектакуларна кариера и да постигне иконски статус.
УНИВЕРЗИТЕТСКИ ФУДБАЛ НА НАЈВИСОКО НИВО
Додека средношколскиот фудбал го нагласува она што го прави уникатен јапонскиот фудбалски систем, универзитетскиот фудбал уште повеќе го издигнува. Всушност, конкурентската летвичка е поставена толку високо, што е речиси полупрофесионална. Сведоштво за тоа се познати имиња како Каору Митома (Брајтон) и Кјогу Фурухаши (Селтик), кои тргнаа по универзитетската патека и сега играат во Европа и за репрезентацијата.
Друг значаен факт е дека девет од селекцијата на СП 2022 излегоа од академските кругови. А Јунја Ито, сега стандарден репрезентативец, го доживеа и средношколскиот и универзитетскиот фудбал. Одлучувајќи да му се приклучи на својот училиштен клуб наместо во младинска академија додека беше во средно училиште, следен од универзитетски тим, тој потпиша со Вентфорет Кофу од Џеј-лигата, за да ја почне својата професионална кариера.
За играчите, една клучна предност на ова искуство во високото образование е што имаат повеќе официјални мечеви од дебитантите од Џеј-лигата, пишува ФИФА. И ова искуство станува уште повредно, со оглед на играта речиси на исто ниво со најдобрите тимови од втората и од третата лига. Тоа се потврди со голем број епизоди со победи над гиганти, каде што универзитетските тимови победуваа тимови од првата лига, во Купот на императорот.
Не е ни чудо тогаш што Јапонија вкупно седум пати победи на универзијадите, натпреварување организирано од Меѓународната федерација за универзитетски спортови (ФИСУ), вклучувајќи ги и турнирите во 2017 и во 2019 година, што дополнително го истакнува високото ниво на јапонскиот универзитетски фудбал, пишува ФИФА.
Натпреварувањето меѓу универзитетите на ова ниво е пријателско, но интензитетот и вештината што се покажува се споредливи со професионалните стандарди. Тоа е сериозно официјално натпреварување, намерно дизајнирано да ги негува играчите, кои на крајот имаат повеќе практично искуство од нивните врсници дебитанти од Џеј-лигата. Сосема очекувано, многу играчи во Јапонија сметаат дека универзитетскиот фудбал е цврста отскочна штица во нивниот обид да станат професионалци.
ОДЕЈЌИ ПО ПОДОЛГИОТ ПАТ ДО ВРВОТ
Јасно е дека во единствениот јапонски систем за развој на фудбалот врската помеѓу учењето и спортот е клучна компонента, пишува ФИФА. Без разлика дали на ниво на средно или на универзитетско ниво, образованието останува клучен камен-темелник за спортскиот успех на земјата. Можеби единствениот најголем поттик, сепак, е националниот акцент на негувањето на човечкиот карактер, пишува ФИФА. Универзитетските фудбалери, на пример, уживаат поголем простор за проширување на своите лични хоризонти отколку нивните професионални врсници, за кои се важни само резултатите. Со академската заднина, тие имаат време да размислуваат за својот живот, да постават цели и области за подобрување, а потоа да ги постигнат своите цели на похолистички начин. И токму тие предности објаснуваат зошто некои јапонски играчи прво се одлучуваат за универзитет, дури и ако им се понуди професионален договор. Еден одличен пример е Митома. По завршувањето на средното училиште ,тој ја одбил понудата за врвен договор од Кавасаки фронтале и, наместо тоа, избрал да оди на универзитетот „Цукуба“. Многумина ваквата одлука би ја гледале како чекор назад. Сепак, Митома сметаше дека заобиколниот пат ќе му даде време и простор да го усоврши својот дриблинг, сега негова позната вештина. Играњето на универзитет му дозволи да го следи овој аспект во длабочина, на теренот и надвор од него. На крајот, тој ја искористи можноста да ја усоврши својата вештина и да добие предност во однос на неговите врсници, нешто што на крајот ќе ја подобри неговата професионална кариера, пишува ФИФА.
Ваквите примери се многубројни. Играчите често преминуваа од речиси непознати на 18-годишна возраст до растечки таленти, благодарение на времето и просторот што им беа дадени да се развијат во универзитетскиот систем. Навистина, оваа практика на заобиколен патот кон професионализмот е голема предност на јапонскиот фудбал. Толку многу, всушност, што тоа да се нарече заобиколен пат можеби веќе не важи.
Јапонскиот универзитетски фудбал ги надмина границите на аматеризмот. Тој стана екосистем во кој многу од најголемите таленти можат да бараат можности за да растат и да го достигнат својот целосен потенцијал на професионалната сцена. И покрај просторот за подобрување и инхерентните предизвици, тој останува клучна компонента во производствената линија на јапонскиот фудбалски талент, пишува ФИФА. Н.М.