Голубиќ целата кариера како боксер, боксерски работник и тренер ја помина во БК МИК, подоцна БК Скопје. Сѐ до 2012 година беше една од главните алки во организацијата на традиционалниот турнир „Златен гонг“, кој се одржува од 1969 година

Ивица Голубиќ (1)

За скопската населба Автокоманда може слободно да се каже оти ја краси епитетот „спортска“, зашто уште од дамнешни времиња, благодарејќи на големиот ентузијаст, покојниот Ѓоко Доневски, беа формирани спортски клубови, кои уште егзистираат и ја продолжуваат традицијата. Да ги потсетиме љубителите на спортот дека населбата преку ракометарките од Автокоманда во седумдесеттите години од минатиот век го имаа првиот прволигаш во женска конкуренција, не само од населбата туку и од Републиката.
Овој пласман меѓу најдобрите женски ракометни екипи беше многу вреден и се сметаше за подвиг, особено кога се знае оти во тој период женската ракометна репрезентација на Југославија беше актуелен светски првак. Според тоа, да се игра во најквалитетната лига на светските шампионски, навистина требаше да имаш квалитетен тим со одлични ракометарки, кои можеа рамноправно да се носат со другите прволигаши. Но еуфоријата околу женскиот ракомет во Автокоманда полека згасна, но затоа, пак, токму поради ракометарките, за да им се обезбедат подобри услови за работа, се изгради сала, која со извесни градежни зафати беше освежена и денес максимално се користи од скопските ракометни екипи. Меѓутоа мора да се каже оти не само за ракометот туку и за другите спортови, кои постепено се развиваа во населбата, предводник беше фудбалскиот клуб. Во 1950-тите години, под името Индустријалец, клубот играше во скопскиот потсојуз, потоа полека со квалитетното издигнување поминуваше во повисок ранг, по фузијата со Металец и под ново име МИК стигна до Македонската лига, а потоа и до Втората мошне силна југословенска лига. Жителите од Автокоманда, старо и младо, во неделите сите беа на стадионот. Фудбалерите на МИК беа нивни миленици.
Но интересно е дека токму тогаш кога тие беа во голем подем, во населбата заживеа и боксот. Тој веднаш привлече многу млади момчиња, кои почнаа да се занимаваат со „благородната вештина“. БК МИК потоа, како впрочем и сите клубови што функционираа во рамките на спортското друштво, го сменија името во „Скопје“. Под ова име, само за четири-пет години од формирањето, предводени од легендарниот, за жал, покоен Живко Дуковски и со голема поддршка од идеологот на целокупната клупска политика, познатиот новинар Џоџа Ајановски, тие успешно зачекорија на рингот. Еден од двајцата први членови на БК Скопје, покрај Мице Ристевски беше и Ивица Голубиќ, кој подоцна неколку години ги бранеше боите на клубот, и тоа во второлигашките натпревари.
– Кога слушнав оти е формиран боксерски клуб во рамките од спортското друштво Скопје, кај мене се јави желба и јас да почнам да се занимавам со боксот. Среќна околност беше што тренинзите се одржуваа во салата „Коце Металец“, која беше во непосредна близина на мојот дом. Така, барем за одење на тренинг не губев време и можев да ги исполнувам и сите други обврски, особено оние што беа врзани со учењето – вели Голубиќ.

БОКСОТ ГИ ПЛЕНИ МЛАДИТЕ

Можеби Живко Дуковски и Џоџа Ајановски не очекуваа оти за боксот ќе има толку големо интересирање, па беа изненадени од одзивот на младите. Токму тоа создаде проблем, зашто салата во која дотогаш тренираа веќе беше мала и не можеше да одговори на потребите. Затоа, двајцата ентузијасти тргнаа во потрага по друга, покомфорна сала. За среќа, брзо најдоа решение и клубот се пресели во салата од интернатот на ЕМУЦ во Автокоманда.
– Некому денеска му е чудно кога ќе споменам оти во салата немаше место во еден ист термин да нѐ собере сите момчиња што сакавме да боксуваме. Но тоа е вистина, која се должи пред сѐ на фактот што како млади луѓе баравме некоја шанса за афирмација, а боксот беше токму тој спорт што можеше да ни го отвори патот кон славата. „Благородната вештина“ беше многу популарна, што не беше чудно, зашто тоа беше времето на големите асови на светскиот ринг предводени од Касиус Клеј, подоцна Мухамед Али. Сите сакавме да го имитираме него, за подоцна да најдеме свои идоли и меѓу југословенските боксери. Така, миленици ни станаа оние што господареа во своите категории на рингот, како Звонко Вуин, Светомир Белиќ и најголемиот меѓу големите Мате Парлов. Сакавме еден ден да станеме славни како нив и тоа беше главниот мотив да одиме натаму и да останеме верни на спортот, кој носеше и многу ризици. Некои од нас набрзо се откажуваа, други, пак, доаѓаа и така постојано имаше едно движење во клубот. Живко Дуковски беше човекот што ги прифаќаше новодојдените и се грижеше за нивните први боксерски чекори. Тој имаше голема поддршка и од другите членови на управата на клубот, пред сите од Џоџа Ајановски, кој своевремено, исто така, беше боксер и знаеше што и како треба да се постапува со оние што првпат доаѓаат во боксерската сала – вели тој.
Боксот во Скопје повторно заживеа. По 50-тите години од минатиот век кога имаше само еден клуб, Трговски, на иницијатива на боксерскиот вљубеник Мишо Мојсов беше формиран уште еден – Младост, а сега на сцена се појави и Скопје. Исто така, треба да се спомене оти и БК Вардар, кој имаше многу турбулентни периоди, некако и тој успеа да се стабилизира. Така се создаде една конкуренција, која резултира со појава на млади квалитетни боксери.
– Веќе не постоеше никаква дилема оти боксот ќе оди со брзи чекори напред, особено кога веќе се знаеше дека Куманово и Битола не само што имаа традиција во овој спорт туку имаа и одлични боксери. Недостигаше само да се организира една квалитетна меѓународна приредба, која уште повеќе ќе ги зацврстеше позициите на боксот и ќе придонесеше за негова поголема афирмација. Така, кај Џоџа Ајановски и кај Живко Дуковски се роди идеја да се организира една приредба, која би била привлечна за боксерите, но и за гледачите. Името веќе го имаа, „Златен гонг“, а брзо се најде и поводот за неговото одржување, 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје. Овој предлог без колебање беше прифатен од сите спортски и општествени структури во градот и веќе во 1969 година се одржа првиот „Златен гонг“. Она што е интересно, а е врзано со организацијата на првиот „Гонг“ е фактот што не можеше да се најде сала, па тој мораше да се одржи во шаторот од циркусот „Прага“, кој токму тогаш гостуваше во Скопје и беше поставен кај езерцето во Градскиот парк. Интересирањето за борбите беше големо, трибините беа исполнети, а на рингот продефилираа најголемите југословенски боксери тогаш предводени од Звонимир Вуин, кој беше и првиот освојувач на „Златниот гонг“, а настапи и легендарниот боксерски шампион во поранешна Југославија, Мате Парлов. Ова беше полн погодок, кој малку ги погоди и организаторите на „Мечот на шампионите“ во Белград. Тие беа љубоморни на тоа што во „Гонгот“ на некој начин добија конкуренција. Но и покрај нивните „жалопојки“ во печатот, особено во белградски „Спорт“, ништо повеќе не можеа да сторат. Конкурентскиот турнир го продолжи својот век, па еве го имаме и сега. Инаку „Златниот гонг“, заедно со „Мечот на шампионите“, потоа со бугарскиот „Странџата“ и полскиот „Феликс Штам“ се најстарите боксерски турнири во Европа. Ова посебно го истакнувам, зашто јас и кога ја прекинав боксерската кариера преку „Златниот гонг“, во чија организација редовно учествував до 2012 година, го одржував контактот со боксот – рече Голубиќ.

„ЗЛАТНИОТ ГОНГ“ – ИНСПИРАЦИЈА ЗА МЛАДИТЕ

Преку своето кажување Голубиќ нѐ врати назад, на времето кога за боксот имаше навистина големо интересирање кај спортската публика, која одвај чекаше да се организира некој меч.
– Тоа уште повеќе ги мотивира боксерските работници да продолжат со организацијата на „Златниот гонг“, преку кој обезбедуваа минимални средства колку да може клубот да живее. Исто така, оваа приредба беше инспирација и за нас боксерите, да тренираме и што поподготвени да ги дочекаме ривалите, кои доаѓаа од повеќе земји и меѓу кои имаше и многу познати имиња, дури и освојувачи на медали на големите боксерски приредби. Можам слободно да кажам оти поради интересирањето кај публиката, а и од сознанието дека „Златниот гонг“ ќе го следат голем број гледачи, кај нас боксерите уште повеќе се разгоруваше желбата да го дочекаме „Гонгот“ што поподготвени. Тој беше шанса за наша афирмација и нема да згрешам ако кажам дека токму поради тоа беше магнет за младите боксери. Ако, пак, се случеше некој од нас да победи некого од странските sвезди, тогаш и тој стануваше sвезда. Ете, во тоа беа моќта и енергијата што ги носеше „Златниот гонг“. Затоа луѓето што ги поставија неговите темели никогаш не треба да ги заборавиме. Нивната визија да организираат нешто вредно се оствари и тоа и натаму живее. Таа вредност што ја носи со себе „Златниот гонг“ е мотив за секој боксер од Македонија да се подготвува и на турнирот да се претстави во најдобро светло – вели Голубиќ.
Како изгледаше кариерата на Голубиќ во годините кога ги бранеше боите на БК Скопје, како и за тренерските резултати, ќе читате идната недела.


Ивица Голубиќ, боксерски првак

Роден: во 1951 година во Скопје
Кариера: Боксерски клуб Скопје
Успеси: Една поединечна титула сениорски првак на Македонија и многу значајни победи за освојување бодови на БК Скопје во натпреварите во Втората боксерска лига. На полето на образованието, исто така, е успешен и денес е дипломиран машински инженер
Боксерски функции: До 2012 година постојано вклучен во организацијата на „Златниот гонг“, еден период претседател на БК Скопје, а многу години член на УО на популарниот клуб