ФУДБАЛ
На 19 јули ќе се одигра првиот меч од новата соработка на двете континентални конфедерации, помеѓу победникот на Лига Европа, Севилја од Шпанија, и на Копа Судамерикана, Индепендиенте дел Вале од Еквадор
Како дел од соработката на Европската фудбалска унија (УЕФА) и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) е објавено пилот-изданието „Клупски предизвик“. Тоа е натпревар помеѓу победниците на вторите континентални клупски купови, на Лига Европа за сезонава, Севилја од Шпанија, и на ланската Копа Судамерикана, Индепендиенте дел Вале од Еквадор.
Првото издание на клупскиот предизвик УЕФА – КОНМЕБОЛ треба да се одигра на 19 јули, на стадионот „Рамон Санчез-Писхуан“ во Севилја (предвиден е еден натпревар, ако по 90 минути биде нерешено нема да се играат продолженија, туку веднаш ќе се изведуваат пенали). Судиите за дуелот за ова издание ќе ги назначи УЕФА.
Клупскиот предизвик е дел од проширувањето на соработката помеѓу УЕФА и КОНМЕБОЛ, која од претходно ги вклучи фудбалот за жени, футсалот и младите категории, размената на судии, шемите за технички тренинг и мечевите Финалисима, во кои се среќаваат соодветните континентални победници за фудбалери и за фудбалерки, пишува УЕФА. Први победници на Финалисма се репрезентациите на Аргентина (мажи) и на Англија (жени).