Промовиран лани, Тулуз ги користи податоците не само за да ангажира фудбалери, да ги подобри перформансите, да ги ограничи повредите и да ги анализира противниците, туку и да донесува одлуки за финансиски прашања, како што се буџетот за трансфери, платен список и продолжување на договорите, пишува АП. „Работиме со компании што ни даваат податоци и потоа имаме статистичари, сопствен софтвер, наши сопствени алгоритми, кои ни помагаат во сите одлуки што ги носиме во управувањето со клубот“, изјави Комоли, претседателот на клубот, за интернет-страницата на француската лига

ФУДБАЛ

Работејќи со мал буџет и без фудбалска ѕвезда, Тулуз најде начин да опстане во француската лига, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Сѐ почна во јули 2020 година, кога американската инвестициска компанија „Ред брд капитал партнерс“ доби мнозински удел во Тулуз и го назначи Демиен Комоли за претседател.
– Работиме со компании што ни даваат податоци и потоа имаме статистичари, сопствен софтвер, наши сопствени алгоритми, кои ни помагаат во сите одлуки што ги носиме во управувањето со клубот – изјави Комоли за интернет-страницата на француската лига.
Составувањето и толкувањето на податоците му помогнаа на Тулуз да најде вредност на фудбалскиот пазар. Тулуз има буџет од 40 милиони евра за сезонава наспроти 700 милиони евра за лидерот во француската лига Пари Сен Жермен и 250 милиони евра за Марсеј, пишува АП. Помал буџет од Тулуз во лигата имаат само Оксер, Клермон и Ајачио.

СЕ АНАЛИЗИРААТ НАД 60 ЛИГИ

Промовиран лани, Тулуз ги користи податоците не само за да ангажира играчи, да ги подобри перформансите, да ги ограничи повредите и да ги анализира противниците, туку и да донесува одлуки за финансиски прашања како што се буџетот за трансфери, платен список и продолжување на договорите. Овој пристап, т.н. „манибол“, придонесе за добрата сезона на Тулуз. Клубот е на 12-то место, 11 бода над зоната за испаѓање. Спротивно на тоа, другите промовирани тимови, Ајачио и Оксер, се во зоната за испаѓање.
Напишана од Мајкл Луис, книгата „Манибол“ го истражува успехот на бејзбол-тимот Оукланд Атлетик под генералниот менаџер Били Бин, покажувајќи како акцентот на сајбер-метриката над традиционалните методи им помогнал да ангажираат потценети играчи и да ги надминат побогатите натпреварувачи.
Поранешен аеронаутички инженер, раководител на податоци во Тулуз, Жулиен Демо, и неговиот персонал анализираат повеќе од 60 лиги низ светот. Тулуз, исто така, го ангажира Брендан Мекфарлан како шеф на регрутирање во март 2021 година за подобро да ги процени работите, како техниката и личноста што не се поддржани со податоци. Мекфарлан претходно беше главен скаут во Франција за англискиот клуб Брентфорд. Тулуз се потпира на својата аналитичка предност за да изгради паметен тим. Ангажира играчи од пониските лиги во Западна Европа, надевајќи се дека ќе направат чекор напред. Клубот потпиша со англискиот напаѓач Рис Хили од третолигашот Милтон Кејнс Донс и холандскиот плејмејкер Бранко ван ден Бумен од второлигашкиот клуб Де Графсхап во 2020 година. И двајцата се покажаа како клучни за промоцијата на Тулуз, бидејќи Хили беше најдобар стрелец во Втората лига лани, а Ван ден Бумен ја предводеше таа лига во асистенции. Хили сезонава одигра само три меча поради сериозна повреда на коленото. Ван ден Бумен имаше огромно влијание, со пет гола и седум асистенции. Тијс Далинга изгледаше како сигурен облог кога Тулуз потпиша со него во минатата година. Тој лани постигна 36 гола во сите натпреварувања за второлигашот Екселзиор Ротердам. Холандскиот напаѓач првично се бореше да се приспособи на новата средина, постигнувајќи само два гола во неговите први 13 натпревари. Но Далинга се подобри во последно време, постигнувајќи пет гола на претходните осум првенствени меча.

РАЗВИВАЊЕ ТАЛЕНТИ ВО СВОЈОТ МЛАДИНСКИ СИСТЕМ

Тулуз претпочита да потпишува со играчи пред да го достигнат својот врв, така што сумата за трансфер е прифатлива. Но, исто така, може да ангажира повеќе етаблирани играчи за да донесе победнички менталитет и да најде добра мешавина помеѓу младоста и искуството. Данскиот централен бек Расмус Николајзен, белгискиот играч за врска Брехт Дежагере и чилеанскиот лев бек Габриел Суазо им помогнаа на Митјиланд, Гент, односно на Коло Коло, да ги освојат трофеите пред да му се приклучат на Тулуз. Развивањето таленти во својот младински систем е уште еден начин Тулуз да ги намали трошоците. Ентони Руо, кој дипломира на академијата на клубот, ги почна сите првенствени натпревари сезонава и веќе е еден од најдобрите централни бекови во Франција на возраст од 21 година. Во меѓувреме, играчот од средниот ред Фарес Чаиби има пробив сезонава, на 20 години, постигна четири гола и има четири асистенции во лигата. Тулуз ја има шестата најдобра академија во Франција, зад ПСЖ, Лион, Рен, Монако и зад Ленс, според Меѓународниот центар за спортски студии, истражувачка и образовна организација.
Тулуз уште е далеку од своите славни денови, кога го исфрли Наполи предводен од Диего Марадона, во првото коло од Купот на УЕФА, во 1986 година, и заврши на третото место во француската лига една година подоцна, што е негов најдобар резултат досега. Но повторното раѓање на клубот се чувствува како откуп за Комоли, чија репутација беше погодена откако Ливерпул го отпушти од функцијата директор на фудбалот во 2012 година поради огромната сума потрошена на Енди Керол, Стјуарт Даунинг, Чарли Адам и Себастијан Коутс, а дури и успешните засилувања како Луис Суарез и Џордан Хендерсон не можеа да му помогнат на Комоли да си ја спаси работата, пишува АП.
Тулуз, кој во минатата недела го победи Ремс со 3-1 и се пласира во четврт-финалето на Купот на Франција, е еден од трите клуба во сопственост на Американци во француската лига. „Егл фудбал холдингс Џон Текстор“ го купи Лион во минатиот декември, а американскиот милијардер Френк Мекорт е сопственик на Марсеј од 2016 година. Н.М.