Магазинот „Франс фудбал“ објави 30 кандидати за наградата што се доделува од 1956 година, Реал Мадрид, Манчестер сити и Ливерпул имаат по шест номинирани, а кандидати имаат уште девет клуба
ФУДБАЛ
Магазинот „Франс фудбал“ ги објави 30-те кандидати за наградата „златна топка“ за најдобар фудбалер во 2022 година, која ќе биде доделена на 17 октомври во Париз. Актуелниот победник Лионел Меси не е на листата првпат од 2006 година, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“. Реал Мадрид, Манчестер сити и Ливерпул имаат по шест номинирани.
Кандидати за признанието „златна топка“ се Карим Бензема, Тибо Куртоа, Винисиус Жуниор, Касемиро, Лука Модриќ, Антонио Рудигер (сите од Реал Мадрид), Мохамед Салах, Трент Александер-Арнолд, Луис Дијаз, Фабињо, Дарвин Нуњез, Вирџил ван Дајк (сите од Ливерпул), Ријад Марез, Бернардо Силва, Фил Фоден, Кевин де Брујне, Жоа Кансело, Ерлинг Холанд (сите од Манчестер сити), Хеунг-Мин Сон, Хари Кејн (двајцата од Тотенхем), Јосуа Кимих, Садио Мане (двајцата од Баерн), Рафаел Леао, Мајк Маињан (двајцата од Милан), Роберт Левандовски (Барселона), Кристофер Нкунку (Лајпциг), Кристијано Роналдо (Манчестер јунајтед), Килијан Мбапе (ПСЖ), Себастијан Халер (Борусија Дортмунд) и Душан Влаховиќ (Јувентус).
Наградата се доделува од 1956 година, Меси е рекордер со седум трофеи, потоа се Кристијано Роналдо (Португалија) со пет, Јохан Кројф (Холандија), Мишел Платини (Франција) и Марко ван Бастен (Холандија) со по три, Алфредо ди Стефано (Шпанија), Франц Бекенбауер (Германија), Кевин Киген (Англија), Карл-Хајнц Румениге (Германија) и Роналдо (Бразил) со по две итн.
Во трка за наградата за најдобар млад фудбалер се Карим Адејеми (Салцбург и Борусија Дортмунд), Џауд Белингем (Борусија Дортмунд), Едуардо Камавинга (Реал Мадрид), Гави (Барселона), Рајан Гравенберх (Ајакс и Баерн), Нуно Мендес (ПСЖ), Џамал Мусиала (Баерн), Јошко Гвардиол (Лајпциг), Букајо Сака (Арсенал) и Флоријан Вирц (Баер).
Кандидати за најдобар голман се Јасин Буну (Севилја), Алисон Бекер (Ливерпул), Тибо Куртоа (Реал Мадрид), Едерсон (Манчестер сити), Мајк Маињан (Милан), Едуард Менди (Челси), Мануел Ноер (Баерн), Јан Облак (Атлетико М.), Кевин Трап (Ајнтрахт) и Уго Лорис (Тотенхем).