За време на групната фаза судиите додадоа 563 минути, половина од дуелите завршија без голови по првото полувреме, но вкупниот број на голови останува на просечното ниво, покажани се само два црвени картона, намален е бројот на прекршоци, имаше речиси 800 додавања по меч (продолжува нагорната траекторија, која трае 20 години), шутирањето во гол е во опаѓање, тренд што најверојатно се должи на зголемениот акцент на трпеливата игра и создавањето појасни можности за голови, а истиот пад се однесува и за директните удари кон голот, но зголемен е процентот на реализација

ФУДБАЛ

Групната фаза на фудбалското Светско првенство (СП) заврши во типично драматичен стил, но кои беа досегашните трендови на Мундијалот во Катар, пишува „Скај спорт“ во анализата на првиот дел од СП 2022.

ПРВО ПОЛУВРЕМЕ, ДОПОЛНИТЕЛНИ МИНУТИ, ИЗНЕНАДУВАЊА

Вкупно 24 од 48-те натпревари во групите завршија без голови на полувремето. Тоа е осум проценти повеќе од кое било претходно светско првенство од 2002 година. Можеби најзабележителниот тренд на ова Светско првенство беа продолженијата, и тоа многу. Судиите додадоа 563 минути за време на групната фаза, тоа е повеќе од девет часа, или шест натпревари со стандардно време. Англија и Иран го одиграа најдолгиот натпревар, кога на 90-те минути беа додадени 27 минути, ефективно играјќи продолженија во меч од групната фаза.
Друг тренд по групната фаза беа големи изненадувања, при што аутсајдерите често ги победуваа гигантите на светскиот фудбал. Тешко е да се измери обемот на изненадувањата. Сепак, користејќи ја ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), можеме да добиеме впечаток, па користејќи ги овие рангирања, победата на Саудиска Арабија над Аргентина со 2-1 се рангира како најголемо изненадување на овој Мундијал досега, следна е победата на Камерун над Бразил со 1-0, потоа Гана – Јужна Кореја 3-2, Австралија – Данска 1-0, Тунис- Франција 1-0, Белгија – Мароко 0-2, Јужна Кореја – Португалија 2-1, Јапонија – Шпанија 2-1 и Германија – Јапонија 1-2, пишува „Скај спорт“.
Како и во англиската Премиер-лига, шутирањето во гол е во опаѓање, тренд што најверојатно се должи на зголемениот акцент на трпеливата игра и создавањето појасни можности за постигнување голови. На тековното СП во просек имало 22 шута по натпревар, што е најниско забележано од достапните податоци, пишува „Скај спорт“. Сосема очекувано, истиот пад се однесува и на директните удари во голот, со помалку од осум по натпревар. Меѓутоа, кога станува збор за постигнатите голови, ова Светско првенство се рангира некаде во средината, речиси во просек како шесте турнири од 2002 година, доказ за таа трпелива игра за да се создаде подобра шанса за гол.

СЕ ВРАЌА ТИКИ-ТАКА

Мајсторот на додавањата, Шпанија, е олицетворение на тики-така, а тимот на Луис Енрике забележа 2.489 успешни додавања за време на групната фаза на СП 2022, што е 735 повеќе од која било друга репрезентација, пишува „Скај спорт“. На овој Светски шампионат има речиси 800 додавања по натпревар, продолжувајќи ја нагорната траекторија, која трае веќе 20 години. Се разбира, значителното дополнително време на мечевите придонесе за зголемувањето годинава. Шпанскиот играч од средниот ред Родри убедливо води во вкупно успешни додавања, 153 повеќе од следниот на оваа листа, Џон Стоунс од Англија. Педри од Шпанија и Родриго де Пол и Лионел Меси од Аргентина, пак, се први на листата за успешна дистрибуција во последната третина од теренот.

ДИСЦИПЛИНА

Тренд за време на групната фаза на СП во Катар е фактот дека само два црвени картона беа покажани на 48-те натпревари. Една од причините за падот на дисциплинските мерки се чини дека е намалениот број прекршоци што се прават, со просек од само 24 по натпревар. Процентот на покажани жолти картони всушност е најнизок во 2014 година, а годинава тој останува на просечното ниво, со нешто повеќе од три по натпревар. Но, во однос на исклучувањата, не е изненадувачки, овој турнир има најнизок сооднос со двата црвени картона, 0,04 по натпревар, пишува „Скај спорт“.

РЕКОРДЕН ПРОЦЕНТ НА РЕАЛИЗАЦИЈА

Помалку голови се постигнати во групната фаза на актуелното фудбалско Светско првенство во споредба со претходните неколку мундијали, особено во првото полувреме, а 2,5 гола по натпревар е најнискиот просек во изминатите три светски првенства, со само 36 отсто голови во првите полувремиња, пишува „Би-би-си“. Репрезентациите упатуваат помалку но подобри шутеви, па, така, има 22,3 шута по натпревар, но со најдобар процент на реализација на светските првенства на сите времиња од 11,2 отсто, иако рекордно ниски осум проценти од головите се постигнати со удар од надвор од шеснаесетникот, пишува „Би-би-си“.