Играчите растат во многу аспекти, горд сум на нив, изјави тренерот Конте, откако Тотенхем има 23 бода од првите 10 натпревари во лигата, што е нивниот најдобар почеток од сезоната 1963/1964

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Обновениот Арсенал на Микел Артета и Манчестер сити инспириран од Ерлинг Холанд можеби доминираа на насловните страници досега сезонава во англиската фудбалска Премиер-лига, но дали Тотенхем почнува да излегува од сенка под Антонио Конте, пишува „Би-би-си“. По победата над Евертон со 2-0, Тотенхем има 23 бода од првите 10 натпревари во лигата, што е неговиот најдобар почеток од сезоната 1963/1964.
Тотенхем има ист број бодови како тимот на Пеп Гвардиола и само еден помалку зад нивните ривали од северен Лондон, по мечевите во саботата. И покрај нивниот импресивен број поени, тимот на Конте има простор за напредок, пишува „Би-би-си“. Освен големите победи над Саутемптон и Лестер, Тотенхем имаше тенденција да се бори многу за своите првенствени победи сезонава, пишува „Би-би-си“. Тие имаа само 41 отсто посед на топката и три шута кон противничкиот гол во нивната победа со 1-0 против Брајтон претходно овој месец, а Вулверхемптон имаше речиси двојно повеќе обиди за гол во победата на Тотенхем со 1-0 на домашен терен во август. Тотенхем беше победен во дербито во северен Лондон неодамна и му требаше израмнување на Хари Кејн во 96-та минута за да спаси еден бод против Челси.
Иако саботната победа над Евертон беше заслужена, Тотенхем ја имаше среќата во првото полувреме и можеше да губи пред паузата помеѓу полувремињата. Второто полувреме беше еднонасочен сообраќај, бидејќи Тотенхем напаѓаше пред да го скрши на крајот отпорот на Евертон. Победата беше уште поимпресивна со начинот на кој Тотенхем одговори на повредата на поранешниот напаѓач на Евертон, Ричарлисон, во второто полувреме, при резултат 0-0.
– Повредата можеше да создаде нешто негативно, но го најдовме вистинското решение. Тоа значи дека играчите растат во многу аспекти. Јас сум горд на нив – рече Конте.
Голот за победа го постигна Кејн, седум минути по излегувањето од игра на Ричарлисон. Кејн постигна гол на пет последователни натпревари во Премиер-лигата првпат во кариерата. Тој сега има 258 гола за Тотенхем, осум помалку од клупскиот рекорд на сите времиња на Џими Гривс од 266.