Досега 30 клуба биле светски прваци, од нив 14 имаат барем еден трофеј. Рекордер е Реал Мадрид со осум титули. Матео Ковачиќ може да стане првиот фудбалер што освоил светски клупски титули со три клуба, а Пеп Гвардиола првиот тренер со четири трофеи

ФУДБАЛ – КЛУПСКО СП 2023

Европскиот првак Манчестер сити (Англија) ќе игра со шампионот на Јужна Америка, Флуминенсе (Бразил), во утрешното (19 часот) финале на клупското фудбалско Светско првенство (СП) во Саудиска Арабија, откако Манчестер сити во полуфиналето ја победи Урава (Јапонија) со 3-0. Светот ќе добие нов планетарен првак, откако ова е прво финале и за двата клуба. Досега 30 клуба биле светски прваци, од нив 14 имаат барем еден трофеј. Рекордер е Реал Мадрид со осум титули. Плејмејкерот на Манчестер сити, Матео Ковачиќ, кој беше стрелец на еден гол во полуфиналето, може да стане првиот фудбалер што освоил светски клупски титули со три клуба. Тој претходно беше светски шампион играјќи за Реал Мадрид (Шпанија) и за Челси (Англија).
Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави и некои други бројки во пресрет на финалето. Така, Манчестер сити (143) и Флуминенсе (121) имаат вкупно 264 години постоење, што е најмногу за два финалиста на клупско СП, пред Ливерпул и Фламенго (251 година во 2019 година), Барселона и Ривер Плата (230 во 2015 година), Реал Мадрид и Гремио (229 во 2017 година) и Челси и Палмеирас (223 во 2021 година). Андрес Иниеста (2006 година и 2015 за Барселона), Кристијано Роналдо (2008 за Манчестер јунајтед и 2017 за Реал Мадрид), Цезар Аспиликуета (2012 и 2021 за Челси), Давид Алаба и Тони Крос (2013 за Баерн и 2022 година за Реал Мадрид) го делат рекордот за играње во финалиња на СП со разлика од девет години. Марсело од Флуминенсе, кој играше за Реал Мадрид во 2014 година, ќе се приклучи на оваа листа ако настапи утре, пишува ФИФА. Крос играше во рекордни шест финалиња и победи во сите (со Баерн во 2013 година и со Реал Мадрид пет пати, од 2014 до 2022 година). Марсело може да стане вториот играч што ќе учествува во пет финалиња. Пеп Гвардиола и Карло Анчелоти го делат рекордот со по три титули како тренери, пишува ФИФА. Гвардиола има две титули со Барселона и една со Баерн, а Анчелоти една со Милан и две со Реал Мадрид. Н.М.