Топката има технологија што обезбедува невиден увид во секој елемент на движењето на топката и придонесува во процесот на донесување одлуки на системот ВАР. Надворешната обвивка е дизајнирана за прецизност и конзистентност, поддржувајќи брзо и прецизно играње со максимална форма и задржување на воздухот
Официјалната топка за натпреварите на Европското првенство (ЕП) во Германија в година беше претставена од Европската фудбалска унија (УЕФА) и од „Адидас“ на специјален настан пред „Олимпијастадион“ во Берлин, објави УЕФА.
Топката со име „фусбалибе“ (Fussballliebe), на германски „фудбалска љубов“, има т.н. конект-технологија, првпат за едно ЕП, обезбедувајќи невиден увид во секој елемент на движењето на топката и придонесува во процесот на донесување одлуки на системот видеопомошник-судија (ВАР). Надворешната обвивка на топката е дизајнирана за прецизност и за конзистентност, поддржувајќи брзо и прецизно играње со максимална форма и задржување на воздухот.
– Европското фудбалско првенство е врв на националните репрезентативни натпревари во Европа и ние сме посветени да обезбедиме секој аспект, од местата до опремата, да ги почитува највисоките стандарди за квалитет и перформанси. Ние сме, како и секогаш, уверени дека „фусбалибе“, на „Адидас“ ќе означи уште еден чекор во нашата заедничка посветеност на извонредноста – вели Звонимир Бобан, технички директор на УЕФА и шеф за фудбал.
Освен што користи рециклиран полиестер и мастило на база на вода, топката е направена од поодржливи биобазирани материјали од која било претходна топка за официјален натпревар на „Адидас“ и секој слој на топката е приспособен да вклучува материјали како што се пченкарни влакна, шеќерна трска, дрвна маса и гума, пишува УЕФА. Н.М.