Ливерпул по 14 минути водеше со 2-0, но Реал победи со 5-2. Драматичните враќања во игра беа тема на успехот на Реал лани, со ПСЖ во осминафиналето, со Челси во четврт-финалето и со Манчестер С. во полуфиналето
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ОСМИНАФИНАЛЕ
Повторно ја сакаме Лигата на шампионите (ЛШ), изјави Карим Бензема откако актуелниот фудбалски првак на Европа, Реал Мадрид, приреди уште една магична ноќ, кога при 2-0 за Ливерпул по 14 минути игра на стадионот „Енфилд“ многу тимови ќе се распаднеа, но Винисиус Жуниор постигна два гола, Едер Милитао еден, а потоа Бензема постигна два гола за победа на Реал Мадрид со 5-2, пишува „Би-би-си“. Ниту еден гостински тим досега не постигнал повеќе од три гола на „Енфилд“ во европски меч и никој не се вратил од два гола негатива за да победи во ЛШ со три разлика, пишува „Би-би-си“.
– По тие први 15 минути го видовме вистинскиот Реал Мадрид. Фудбалот на ова ниво е тежок. Тие почнаа подобро од нас, но ова беше голем меч и бевме подготвени – рече Бензема.
Легендата на Њукасл и на Англија, Алан Ширер, беше импресиониран.
– Реал Мадрид не паничи. Тие биле во вакви ситуации и порано. Беше неверојатно. Поради нивното искуство и знаење Реал се врати во игра – рече тој.
Драматичните враќања во игра беа тема на успехот на Реал Мадрид лани, откако губеше од ПСЖ со 2-0 во осминафиналето, потоа од Челси на 10 минути пред крајот на вториот дуел во четврт-финалето и потоа во полуфиналето му требаа два гола во последната минута од Родриго за да го стигнат Манчестер сити пред да победат во продолженијата, пишува „Би-би-си“.
Тимот на 14-кратниот првак Реал М. е спој на младост и искуство, петмина освоија пет европски титули, Бензема, Дани Карвахал, Начо, Лука Модриќ и Тони Крос. Само легендата на Реал М., Пако Генто, освои повеќе, шест. Н.М.
Спалети: Нашиот најголем непријател е да мислиме дека е готово
Тренерот на Наполи, Лучиано Спалети, изјави дека „најголемиот непријател на неговата екипа е да мислат дека е готово“ по победата со 2-0 на гости кај Ајнтрахт во првиот осминафинален натпревар во фудбалската Лига на шампионите. Наполи на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас победи со головите на Виктор Осимен и Џовани ди Лоренцо.
– Треба да останеме смирени, многу смирени. Уште има втор меч. Нашиот најголем непријател е да мислиме дека е готово – изјави Спалети за „Скај спорт“, пренесе агенцијата АФП.