По мечевите неделава на меѓународната клупска сцена, Германија ја престигна Англија и сега со Италија ги има водечките позиции за две од четирите дополнителни места во Лигата на шампионите за идната сезона
ФУДБАЛ
По првите средби од осминафиналето во Лигата на шампионите и во плејофот за пласман меѓу 16-те најдобри тима сезонава во Лига Европа и во Конференциската лига, германската Бундеслига ја прескокна англиската Премиер-лига во трката за дополнително место во Лигата на шампионите во следната сезона, пишува „Скај спорт“.
Првпат пет екипи од една лига може да се пласираат во Лигата на шампионите преку пласманот во домашното првенство. Според досегашниот распоред на местата, по четири клуба директно се квалификуваа преку нивното место во домашните шампионати во Англија, Шпанија, Германија и во Италија.
Сезонава е последна во Лигата на шампионите што се игра со постојниот формат, со 32 екипи во групната фаза, поделени во осум групи. Од следната сезона ќе играат 36 тима во една лига, а две од дополнителните четири места во елитното натпреварување ќе им припаднат на двете земји чии клубови ќе имаат најдобри резултати во сите клупски натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА) сезонава.
Од преостанатите две дополнителни места, едно место ќе му припадне на клубот што е третопласиран во шампионатот на асоцијацијата на петтата позиција во рангирањето на националниот сојуз на листата на УЕФА, а едно на домашен шампион (вкупно пет, наместо четири како досега), од квалификациите преку т.н. пат на шампионите.
За првите две дополнителни места Италија (коефициент 14,714) и Германија (13,928) моментно ги држат првите две позиции на рангирањето, откако Германија ја прескокна Англија (13,875) по мечевите на меѓународната сцена неделава, пишува „Скај спорт“. На листата потоа се Шпанија (12,937), Франција (12,250), Чешка (12,000) итн., пишува „Скај спорт“.
Стандардни поени што ги освојуваат клубовите во трите европски купа на УЕФА се два бода за победа и еден за реми (поените се преполовуваат во квалификациските рунди), а бонус-поените за Лигата на шампионите се четири за учество во групна фаза, пет за пласман во осминафинале, по еден за следните рунди, потоа за Лига Европа четири за првото место во групите, два за второпласираните, по еден за од осминафиналето понатаму, а во Конференциската лига два за првото место во групата и по еден за второпласираните и за пласманите во полуфиналето и финалето, пишува „Скај спорт“. Бројот на бодовите што се доделуваат секоја сезона се дели со бројот на тимовите што учествувале од таа земја во таа сезона и се заокружува на три децимални места, пишува „Скај спорт“.
Од водечките три земји на оваа листа, од Англија играат шест тима, и тоа Манчестер сити, Арсенал (во Лигата на шампионите), Ливерпул, Вест Хем, Брајтон (во Лига Европа) и Астон Вила (во Конференциска лига). Од Германија настапуваат пет клуба, и тоа Баерн, Лајпциг (во ЛШ), Фрајбург, Баер (во ЛЕ) и Ајнтрахт (во КЛ). Од Италија во трка за трофеите се седум тима, и тоа Наполи, Лацио, Интер (во ЛШ), Милан, Аталанта, Рома (во ЛЕ) и Фиорентина (во КЛ). Н.М .