Фото: Маја Јаневска-Илиева

ФУДБАЛ

Во моментов се смета дека фудбалерот е во офсајд ако некој дел од неговото тело што може да постигне гол е пред последниот одбранбен играч кога топката е додадена кон него. Но, според предлогот, ќе треба целото тело на напаѓачот да биде во офсајд за да биде прекината играта

Светската фудбалска федерација (ФИФА) наводно е блиску до воведување голема нова промена во правилото за офсајд, пишуваат британски медиуми. Со овој потег, предводен од Арсен Венгер, главен во ФИФА за глобален фудбалски развој, ќе се гледа целото тело на напаѓачот да биде пред последниот одбранбен играч на противникот за да биде офсајд.

Според информациите, Светската фудбалска федерација ќе почне да ја тестира промената за време на некои младински натпревари во Холандија, Италија и во Шведска.

Во моментов се смета дека фудбалерот е во офсајд ако некој дел од неговото тело што може да постигне гол е пред последниот одбранбен играч кога топката е додадена кон него. Но предлогот на Венгер ќе го промени тоа, па ќе треба целото тело на напаѓачот да биде во офсајд, со тоа давајќи им предност на напаѓачите.

Доколку испитувањата се сметаат за успешни, целосната примена ќе предизвика измени во играта. Брзите напаѓачи веројатно ќе бидат главни ѕвезди, а дефанзивците нема да можат целосно да се потпрат на позиционирањето.