Треба да бидеме реални за нашите квалитети, но и за амбициите, за да нема големи разлики меѓу тие две работи, вели Хегерберг, модерен феномен, која беше надвор од терените повеќе од 20 месеци
АДА ХЕГЕРБЕРГ, ФУДБАЛЕРКА НА НОРВЕШКА
Чувствувам како да навлегувам во некои убави фудбалски години и подготвена сум да уживам во нив, вели Норвежанката Ада Хегерберг за враќањето во репрезентацијата, за закрепнувањето од повредата и за амбициите на Европското првенство (ЕП) во Англија што почна синоќа, во интервјуто за интернет-страницата на Европската фудбалска унија. Хегерберг (26), најдобриот стрелец на сите времиња во Лигата на шампионите (ЛШ) со 59 гола, е модерен феномен, но иако сезонава со Лион шести пат триумфира во ЛШ, тоа беше сѐ освен рутински успех. Таа беше надвор од терените повеќе од 20 месеци поради повредата на вкрстените лигаменти, по што се врати на терените во октомври. За Норвешка не играше од ЕП 2017, а се врати во март годинава.
За враќањето во репрезентацијата: Тоа беше огромна работа за мене, почувствував дека е вистинското време за такво нешто. Многу сум среќна што сум повторно со девојките и што гледам млади, но и постари луѓе на трибините што сакаат да нѐ видат како го креваме победничкиот пехар на ЕП. Но ќе биде тешко, бидејќи Англија, Франција, Шведска се силни. Тоа ќе биде долг турнир, сигурно ќе има изненадувања, тешко е да се предвиди кој ќе победи.
За освојувањето на ЛШ: Не би рекла дека се сомневав во себе и во мојата способност да се вратам по повредата. Ми беше многу тешко ментално, но и физички, но секогаш го имав тоа чувство на верување. Гледајќи на сезоната, она што го постигнавме, она што јас лично го постигнав по она низ што поминав, многу е емотивно и инспиративно да се продолжи напред. Не застанувам тука.
За предизвикот да го освои првото ЕП: Во 2013 година стигнавме до финалето, загубивме од Германија, но бевме многу блиску до титулата. На ЕП 2017 имавме тежок, лош турнир. Значи, сѐ е до подготовката, тимска и ментална, треба да се планира, бидејќи не секогаш работите одат во насоката во која посакувате. Треба да бидеме реални за нашите квалитети, но и за амбициите, за да нема големи разлики меѓу тие две работи.
За притисокот да ја однесе Норвешка во финалето: Не чувствувам притисок, но во секој случај постои некаков притисок што е добра работа. Кога играте за вашата земја, сѐ е до создавањето интересен однос со гледачите и до создавање реална, но и амбициозна атмосфера. Мислам дека треба да поставиме високи цели затоа што имаме квалитет, но и да одиме во вистинската насока, да не се потценуваме, ниту пак да се преценуваме.
Шпанија без Путелјас на ЕП
Шпанија на Европското првенство ќе биде без капитенката и најдобра фудбалерка од средниот ред, освојувачка на „златната топка“ за 2021 година, Алексија Путелјас (28), која ги повредила предните вкрстени лигаменти на тренинг пред почетокот на турнирот. Путелјас досега одигра 100 меча за Шпанија и постигна 27 гола. Во минатата сезона таа беше најдобар стрелец во Лигата на шампионите со 11 гола, со Барселона беше европски вицепрвак и трета сезона по ред ја освои Примера дивизија. Л.Д.