ФИФА соопшти дека просекот од 26.802 по 21 натпревар на СП 2023 е зголемување од 48 отсто во однос на СП 2019 во Франција

ФУДБАЛ

Продажбата на билети се приближува до 1,6 милион за Светското првенство (СП) за фудбалерки во Австралија и во Нов Зеланд, откако ги надмина целите поставени пред турнирот и Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги ревидира рекордните очекувања, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Претходниот рекорд беше околу 1,35 милион влезници за СП 2015 во Канада со 52 натпревари.
Годинашниот Мундијал е проширен на 32 селекции и ќе се одиграат 64 натпревари. Ревидираната вкупна цел за продажба на 1,5 милион влезници беше надмината во понеделникот, пишува АП.
Светската фудбалска федерација соопшти дека вкупно 547.713 гледачи присуствувале на првите 21 натпревар и оти просекот од 26.802 по натпревар до тој момент е зголемување од 48 отсто од СП 2019 во Франција, каде што просекот по 21 натпревар бил 18.068.
Првите натпревари на 20 јули поставија рекорди за фудбалски натпревари за жени во двете земји кодомаќини. ФИФА соопшти дека до вчера повеќе од 150.000 луѓе присуствувале на навивачките фестивали во градовите домаќини во Австралија и во Нов Зеланд во текот на првата недела од турнирот. Според ФИФА, гледаноста на ТВ е, исто така, висока и покрај временските разлики, пишува АП.