Манчестер јунајтед – Норич 3-2
ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
Кристијано Роналдо постигна хет-трик за Манчестер јунајтед на мечот против практично веќе испаднатиот Норич, 3-2. За Роналдо тоа беше 60-ти хет-трик во кариерата и 15-ти гол сезонава во Премиер-лигата, два помалку од Кореецот Сонг Хеунг-Мин од Тотенхем и пет помалку од водечкиот, Мохамед Салах од Ливерпул.
Ова е 16-та сезона по ред како Роналдо (37) постигнува 20 или повеќе голови во сите клупски натпреварувања, а сезонава има дадено 12 гола повеќе од кој било друг играч на Манчестер јунајтед. Заедно со претходниот хет-трик против Тотенхем пред две кола, Роналдо е единствениот играч што постигнал гол за Јунајтед на натпревар од Премиер-лигата по победата над Лидс на 20 февруари. На шест кола до крајот, Манчестер јунајтед е на петтата позиција со 54 бода, три помалку од Тотенхем, со шанси да го мине и да се квалификува за настап во Лигата на шампионите (ЛШ) следната сезона.
Еден од двата гола за Норич го даде Финецот Тему Пуки, кој е првиот играч што постигнува 10 и повеќе голови за „канаринците“ во две премиерлигашки сезони.
Пред мечот повеќе стотици навивачи на Манчестер јунајтед му се приклучија на протестниот марш против газдите на клубот, семејството Глејзер од САД. Тие бараат да се имплементира германскиот модел 50+1, според кој, навивачите имаат „златна акција“ што ги спречува приватните инвеститори да ја преземаат контролата врз клубовите. Организаторите побараа од навивачите да останат надвор од стадионот во првите 17 минути како симбол на протест против 17-годишната сопственост на Глејзер.