Првото нешто што треба да го направиме е да ги собереме вистинските луѓе на вистинските места што раководат и го организираат клубот. Ви треба вистинската организациска структура, треба вашата организација да ја пополните со луѓе што се најдобри во класата, вели Ретклиф, чија компанија ја презеде контролата врз фудбалските операции во Манчестер јунајтед
ФУДБАЛ
Попрво ќе го најдам следниот Килијан Мбапе отколку да потрошам богатство обидувајќи се да купам успех. Многу поголем предизвик е да се најде следниот Мбапе или Џуд Белингем или следниот Рој Кин, изјави Џим Ретклиф, чија компанија ја презеде контролата врз фудбалските операции во Манчестер јунајтед, пишува „Скај спорт“.
Ретклиф вели дека воспоставувањето на вистинската структура е клучот за решавање на проблемите на Јунајтед на трансфер-пазарот.
– Првото нешто што треба да го направиме е да ги собереме вистинските луѓе на вистинските места што раководат и го организираат клубот. Тоа е многу важен дел на фудбалски клуб денес, наоѓање нови играчи. Ви треба вистинската организациска структура. Во времето на сер Алекс Фергусон, тој беше менаџер. Денес немаме менаџери, имаме тренери, и тренерот ќе се јави кај спортски директор, а тој ќе се јави кај главниот извршен директор. Треба да откриете каде се регрутирањето и стратегијата, треба да ја доведете правилно вашата организација и потоа да ја пополните со луѓе што се најдобри во класата – вели Ретклиф, пренесе „Скај спорт“.
Ретклиф ги изложи плановите за изградба на „современ“ стадион за Манчестер јунајтед со капацитет од 100.000 луѓе, пишува „Индепендент“. Манчестер јунајтед игра на сегашниот стадион од 1910 година, со проширувањата во 1990-тите и 2000-тите, кои направија капацитет за околу 75.000 луѓе.
– Манчестер јунајтед е веројатно најголемиот клуб во светот. Дефинитивно во првите три клуба во светот. Треба да има стадион што им прилега на клубот и на брендот. Можеме да го обновиме и да имаме фантастичен стадион, но ја имаме оваа можност да изградиме нова основа, ако сакаме. Имаме доволно простор да изградиме сосема нов стадион. Ако изградиме сосема нов стадион, тоа ќе биде најсовремен, од светска класа, со капацитет за 90.000 или дури 100.000. Мислам дека тоа потоа обезбедува платформа за некои од големите натпреварувања да се играат на северот на Англија – вели Ретклиф, пренесе „Индепендент“. Н.М.