Пројковска, македонската фудбалска судијка во елитната група судии на УЕФА, неодамна го судеше мечот од четврт-финалето на Лигата на шампионите за фудбалерки, а во наредните денови ја очекува уште еден натпревар во европските квалификации за пласман на Светското првенство во 2023 година, кое треба да се одржи во Австралија и во Нов Зеланд, по што би требало да биде позната и конечната листа на судии за Европското првенство летово во Англија

ФУДБАЛ

Посакувам и се надевам дека ќе бидам дел од претстојното Европско првенство што ќе се одржи летово во Англија. На последниот состанок во УЕФА ни беше кажано дека до 10 април ќе се знае кој ќе суди таму, меѓутоа треба да се одиграат уште неколку квалификациски натпревари за пласман на Светското првенство во 2023 година, до 12 април, па можно е тоа малку да се пролонгира, да се види како ќе поминеме. Но мислам дека најдоцна до 15 април ќе се знаат имињата, се надевам дека и моето ќе биде на таа листа, вели Ивана Пројковска, македонската фудбалска судијка, која од неодамна е во елитната група судии на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Пројковска минатата недела ја делеше фудбалската правда на реванш-натпреварот од четврт-финалето во женската Лига на шампионите (ЛШ), помеѓу германскиот Волфсбург и англискиот Арсенал, во кој победи Волфсбург со 2-0.
Наредните денови Пројковска ја очекува уште еден натпревар во европските квалификации за пласман на Светското првенство во 2023 година, што треба да се одржи во Австралија и во Нов Зеланд, по што би требало да биде позната и конечната листа на судии за Европското првенство за фудбалерки летово во Англија.
Зимава во два наврата Пројковска беше на семинар во Турција во врска со протоколите за користењето и за функционирањето на системот видеопомошник-судија (ВАР). Откако успешно ја помина обуката, доби шанса да суди натпревари на кои се користи системот ВАР, кој, како што беше најавено, почна да се користи од мечевите во четврт-финалето во Лигата на шампионите за фудбалерки.
Пројковска, која судиската кариера ја почна во 2003 година, во јули 2019 година ја делеше фудбалската правда во финалето на Европското првенство за фудбалерки до 19 години, на мечот помеѓу Франција и Германија (2-1), а потоа судеше и неколку натпревари во Лигата на шампионите и во квалификациите за европските првенства.


Пројковска ќе го суди мечот Норвешка – Полска за пласман на СП

Ивана Пројковска ќе биде главен судија на натпреварот Норвешка – Полска, на 12 април на стадионот „Улевал“ во Осло, во квалификациската група Ф за пласман на фудбалското Светско првенство во 2023 година, чии домаќини се Австралија и Нов Зеланд.
Помошничките на Пројковска ќе ѝ бидат од Македонија. Тоа се Вјолца Изеири и Билјана Миланова, како прва и втора помошничка, и Ирена Велевачкоска во улога на четврти судија. Норвежанките се на лидерската позиција во групата со 16 бода од шест меча (гол-разлика 34-0), а Полска е трета со 11 бода.