Во Англија сезонава е воведено поголемо дополнително време на мечевите, што резултира со натпревари што траат и повеќе од 100 минути (просечната додадено време е 11 минути и 33 секунди, над три минути повеќе во однос на лани), а ефективно време со топката во игра е 58 минути и 48 секунди (речиси четири минути повеќе од минатата сезона). Повеќе додадено време значи поголема можност за доцна драма, а токму тоа се случува сезонава во Премиер-лигата…
ФУДБАЛ – ПО ОСУМ КОЛА ВО ПРЕМИЕР-ЛИГАТА СЕЗОНАВА
Во првите осум кола од сезоната 2023/2024 во англиската фудбалска Премиер-лига една од главните теми за разговор беше количеството на додадено време во натпреварите. Англиското судиско тело воведе поголемо дополнително време сезонава, како дел од директивата на Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ), телото задолжено за фудбалските правила, во потег што има цел да се справи со задржувањето време на натпреварите, пишува „Би-би-си“.
Тоа резултира со натпревари во Премиер-лигата, во просек, кои траат повеќе од 100 минути. Во осумте кола, или 80 натпревари, откако тоа правило е спроведено во Премиер-лигата во почетокот на сезонава, просечното количество на додадено време на натпреварите е 11 минути и 33 секунди. Тоа е зголемување во однос на просекот за сезоната 2022/2023, кој беше осум минути и 27 секунди.
Една од главните движечки сили на сузбивањето на губењето време беше целта да се обезбеди топката да остане во игра подолго време. Лани поранешниот судија Марк Клатенбург дури предложи да се воведат натпревари од 60 минути со запирање на времето секогаш кога топката не е во игра, за да се искорени задржувањето време. Бројките, секако што се однесува до Премиер-лигата, ја поддржаа идејата.
Во натпреварувањето во минатата сезона, просечното време на „топката во игра“ беше 54 минути 52 секунди, најниско ниво во повеќе од една деценија. Сезонава, пак, натпреварите во Премиер-лигата имаат просечно време со топката во игра од 58 минути и 48 секунди, што е зголемување за речиси четири минути.
Повеќе додадено време значи поголема можност за доцна драма, а токму тоа се случува сезонава во Премиер-лигата. Имаше вкупно 32 постигнати гола во судиското надополнување сезонава, и во првото и во второто полувреме од натпреварите, што е 13,3 отсто од вкупниот број голови. За споредба, имаше само 11 гола постигнати во судиското дополнување по осум натпревари во минатата сезона. Постигнати беа 84 погодока за време на судиското продолжение во текот на целата сезона 2022/2023, а таа бројка е 7,7 проценти од вкупниот број постигнати голови.
Воведувањето на правилото за пет замени во минатата сезона беше едно за кое менаџерот на Евертон, Шон Дајч, рече дека верува дека ќе биде од корист за поголемите клубови, поради нивната способност да состават посилни тимови. Но, во комбинација со зголеменото време за сезонава, дали податоците го поддржуваат тој поглед? Бројот на погодоци во продолженијата во вторите полувремиња сезонава е 24, што, со преостанати 30 кола, е веќе речиси половина од вкупно постигнатите голови во целата мината сезона (49). Во минатата сезона беа постигнати само пет гола во продолжението од второто полувреме по првите осум кола.
Водечките тимови сезонава, Арсенал и Тотенхем, заедно со Астон вила, водат според голови во продолженијата на вторите полувремиња сезонава, со по три. По нив следуваат Манчестер јунајтед, Њукасл и Ливерпул, кои како и Арсенал беа меѓу првите пет тима во минатата сезона, и Брентфорд, секој со по два. Вкупно 14 од 20-те клуба постигнаа барем еден гол.
Со просечно повеќе од три минути дополнително време по натпревар во однос на лани, што доведува до вкупно додадено време по натпревар од близу два часа, јасно е дека новите правила имаат значително влијание, пишува „Би-би-си“. Н.М.