Новиот менаџер треба да најде најдобри можни играчи на пазарот. Јас веќе именував неколку играчи, независно од формацијата и од стилот на игра што би можеле да бидат интересни за клубот. Но, генерално, мислам дека не е доволно да се доведат четворица или петмина нови играчи, вели Рангник
ФУДБАЛ – РАЛФ РАНГНИК, ПРИВРЕМЕН МЕНАЏЕР НА МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД
Привремениот шеф на Манчестер јунајтед, Ралф Рангник (63), во интервју за „Скај спорт“ зборува за култот на менаџерот и за разликите во врска со таа улога во Германија и во Англија, како и за обновата на „Олд трафорд“.
Рангник, кого го сметаат за „татко на пресингот“, вели дека бил по малку вознемирен од претставувањето на менаџерот во медиумите во Англија како за семоќен, чудотворец. Очекувањата од таквата месијанска фигура можеби се најизразени токму на „Олд трафорд“, најмногу благодарение на огромните достигнувања и влијанието на Алекс Фергусон, по 26-те години како менаџер. По неговото пензионирање, Јунајтед е во длабока сенка на Ливерпул и на Манчестер сити под водство на Јирген Клоп и на Пеп Гвардиола.
– Во Германија имаме главен тренер и минимум двајца способни луѓе што се во клубот подолго време и кои се одговорни за трансфери, скаутирање и за други секојдневни работи. Тие исто така имаат задача да го доведат најдобриот можен главен тренер за тимот. Ваквите работи немаат голема традиција во Англија, но јас знам дека во иднина, во голем клуб каков што е Манчестер јунајтед, не може сите тие работи и целата одговорност да бидат на товар само на една личност, на менаџерот – истакнува Рангник.
Тој го трансформира Хофенхајм од третолигаш во бундеслигаш. Моделите за регрутирање и за академија што Рангник ги имплементира во Лајпциг и во Салцбург станаа шаблон во фудбалот.
Дали Јунајтед беше поголем предизвик отколку што очекувавте?
– Многу добро почнавме, победивме на првите два меча без примен гол. Првата цел беше да го намалиме бројот на примени голови, од 1,7 на 1,1 по меч, но, севкупно, проблемот беше да играме на високо ниво постојано. На премногу натпревари имавме еден или два гола предност, а на крајот освојувавме само бод. Така испуштивме осум, ако не и 10 бода.
Велите дека регрутирањето играчи не било добро. Каде го гледате решението, дали е во брзите агресивни играчи што умеат и со топката и кои ќе можат драстично да се подобрат на тренинзите?
– До одреден степен, да. Но, очигледно, важно е да имате играчи што го имаат тоа во нивната ДНК, кои на некој начин се родени агресивни. Тоа е нешто што тешко се менува. Новиот менаџер треба да започне со процесот на регрутирање, да најде најдобри играчи на пазарот. Веќе именував неколкумина, независно од формацијата и од стилот на игра, независно од новиот менаџер, кои би можеле да бидат интересни за клуб како Јунајтед. Но, генерално, мислам дека не е доволно да се доведат четворица или петмина играчи.
При обновата на тимот зборувавте и за потребата од врвни напаѓачи, но и на средината на теренот се потребни промени?
– Да, мислам дека освен голманот, треба да се погрижиме да го подобриме тимот во сите области. Да донесеме играчи што навистина ќе му помогнат на тимот да стане подобар. Но, повторно, станува збор за профилот и за тоа какви играчи ни се потребни за да играме фудбал каков што сакаме да играме.