Фото: ЕПА

Деветтиот светски шампионат за фудбалерки почнува денеска, со мечевите Нов Зеланд – Норвешка (9 часот, пренос на МТВ) и Австралија – Република Ирска (12 ч.). Актуелен планетарен првак е репрезентацијата на САД на македонскиот селектор Влатко Андоновски

ФУДБАЛ

Џани Инфантино, претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), рече дека Светското првенство (СП) за фудбалерки во Австралија и во Нов Зеланд, кое почнува денеска, ќе биде навистина глобален настан и, во пресрет на првиот натпревар, рече дека има едноставна порака до гледачите, организаторите на турнирите и репрезентациите: „Искористете го моментот и бидете горди“, пренесе ФИФА.
Говорејќи на отворањето на конференцијата за медиуми заедно со генералната секретарка на ФИФА, Фатма Самура, претседателот на ФИФА рече дека турнирот, кој ќе го следат две милијарди луѓе низ светот и ќе се емитува во речиси 190 земји, ќе го прикаже извонредниот напредок што го постигна фудбалот за жени во претходните неколку години.
– Мојата единствена порака е: искористете го моментот, бидете горди. Бидете горди на она што успеавте да го постигнете тука, во Нов Зеланд и во Австралија, се разбира. Бидете горди на она што ќе биде најголемиот настан, секако спортски настан, секако фудбалски настан, досега што се организирал тука – рече тој.
Самура рече дека се очекуваат околу 1,5 милион гледачи да ги следат 64-те натпревари на стадионите и дека тоа ќе биде турнир на многу „први“ нешта.
– Тоа ќе биде првиот турнир на кој кодомаќини се од две конфедерации, првиот што ќе се одржи во овој дел од светот, на јужната хемисфера, првиот на кој ќе играат 32 репрезентации, од кои осум се дебитанти, со 64 натпревари. Значи, ова е моментот кога очите на светот ќе бидат тука затоа што се стремиме една четвртина од светската популација, две милијарди, да гледа барем еден натпревар – рече Самура, пренесе ФИФА.
Деветтиот светски шампионат почнува денеска, со мечевите Нов Зеланд – Норвешка (9 часот, пренос на МТВ) и Австралија – Република Ирска (12 часот). Актуелен планетарен првак е репрезентацијата на САД на македонскиот селектор Влатко Андоновски. Н.М.