Фото: Игор Бансколиев

Секоја од 32-те земји учеснички до утре мора да испрати список од најмалку 35, а најмногу 55 фудбалери, потоа селекторите имаат рок до 14 ноември да ја одредат нивната конечна листа од 26 фудбалери. Бројот на фудбалери во секоја репрезентација за СП 2022 е зголемен за три, од 23 на 26, во однос на минатите мундијали, како и бројот на играчи на прелиминарниот список на 55 од максималните 35 пред четири години

ФУДБАЛ – ЕДЕН МЕСЕЦ ДО ПОЧЕТОКОТ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО

Селекторите на репрезентациите учеснички на Светското првенство (СП) во фудбал до утре мора да поднесат прелиминарен избор на фудбалери за турнирот, со што почнуваат со финализирање на нивните состави за Светското првенство во Катар, пишува „Ројтерс“. СП 2022 почнува на 20 ноември.
Секоја од 32-те земји учеснички мора да испрати список од најмалку 35, а најмногу 55 фудбалери, во првиот чекор во процесот на селекција. Селекторите потоа имаат рок до 14 ноември да ја одредат нивната конечна листа од 26 фудбалери. Светската фудбалска федерација (ФИФА) ќе ги објави сите состави следниот ден.
Конечниот состав мора да дојде од прелиминарниот список, без да се дозволи какви било доцни промени на мислењето во следните три недели, предвидуваат правилата и регулативите на турнирот на ФИФА, пишува „Ројтерс“. Управното тело на светскиот фудбал нема да ги објави прелиминарните списоци, но некои земји можеби ќе изберат да го сторат тоа, сигнализирајќи ги нивните намери и потенцијално ставајќи крај на дел од раната дебата за изборот на играчите.
Актуелниот светски првак Франција има долг список повреди, кои селекторот Дидие Дешамп мора да ги земе предвид, иако прелиминарниот список е доволно долг за да ги вклучи играчите што се во трка со времето за да бидат подготвени за СП 2022. Дебатата на Англија за нивната десна бековска позиција, исто така, може да биде јасна додека менаџерот Герет Саутгејт го прави својот избор. Бразил го изостави Габриел Жесус за два пријателски натпревари во Франција минатиот месец, поради силната конкуренција за места во навалната линија и покрај неговата одлична форма за неговиот нов клуб Арсенал сезонава, пишува „Ројтерс“.
Бројот на фудбалери во секоја репрезентација за СП 2022 е зголемен за три, од 23 на 26, во однос на минатите мундијали. Зголемен е и бројот на играчи на прелиминарниот список на 55 од максималните 35 пред четири години.