По најемотивниот сет од четвртфинални мечеви во историјата на светските првенства, во полуфиналето на СП 2022 во Катар утре ќе играат Аргентина и Хрватска, а еден ден подоцна актуелниот светски првак Франција ќе се сретне со Мароко. Сите четири репрезентации обезбедуваат одлична приказна на која не ѝ треба хипербола, Хрватска или Мароко би биле првите нови светски шампиони по Шпанија во 2010 година, Франција би била првата селекција што ќе го зачува трофејот по 60 години, а победата на Аргентина би била прва за Лионел Меси, пишува „Гардијан“
ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР
Една од највозбудливите работи за светските првенства е начинот на кој тие го достигнуваат својот врв, мечевите стануваат поретки, од четири на ден во почетокот до четири неделно на крајот, кариерите се дефинираат, потенцијалните шампиони се поразени без предупредување и одеднаш остануваат само неколку репрезентации, пишува британски „Гардијан“.
По најемотивниот сет од четвртфинални мечеви во историјата на светските првенства, во полуфиналето на годинашното Светско првенство во Катар ќе играат Аргентина и Хрватска утре, а еден ден подоцна актуелниот светски првак Франција ќе се сретне со Мароко. Две репрезентации од Европа, една од Јужна Америка и првпат во историјата на мундијалите една селекција од Африка.
Сите четири репрезентации се прекрасни, сите имаат недостатоци, но, што е најважно, сите обезбедуваат одлична приказна на која не ѝ треба хипербола, пишува „Гардијан“. Хрватска или Мароко би биле првите нови светски шампиони по Шпанија во 2010 година. Франција би била првата селекција што ќе го зачува трофејот по 60 години (од СП 1962, кога тоа го направи Бразил, а пред тоа само уште Италија во 1938 година). А победата на Аргентина би била прва за Лионел Меси, пишува „Гардијан“.
Првото полуфинале е средба на второпласираните на претходните две светски првенства, откако Хрватска загуби од Франција во финалето во 2018 година, Аргентина од Германија во 2014 година. Во двете репрезентации капитените се освојувачи на „златната топка“ на секој од тие турнири, Лука Модриќ и Меси.
Само еден од нив ќе добие уште една шанса во финале на фудбалските светски првенства. Избраниците на селекторот Златко Далиќ се непоколебливите на светскиот фудбал. Модриќ е најретката работа, фудбалер чија понизност е пропорционална на неговиот талент. Хрватска ја победи Аргентина со 3-0 во групната фаза на минатото Светско првенство, во 2018 година. И двете репрезентации се пласираа понатаму, но резултатот отвори многу почист пат до финалето за Хрватска, а ѝ даде на Аргентина дуел во осминафиналето со Франција.
Ако Хрватска е неуморна, тогаш Мароко изгледа нескршливо, пишува „Гардијан“. Мароко стана првата африканска репрезентација што стигна до полуфиналето на светско првенство. Што и да се случи одовде, дел од СП 2022 секогаш ќе му припаѓа на Мароко. Не само што се непоразени, туку не губеа во ниту една фаза од турнирот. Мароко ги победи Белгија, Канада, Шпанија и Португалија и ремизира со Хрватска.
На репрезентацијата на Франција ѝ требаше целото искуство за да го издржи најдоброто претставување на селекцијата на Англија на еден голем турнир во овој век, пишува „Гардијан“. И покрај тоа што тие се фаворити, дури и без најмалку четворица од нивните најдобри 11, Франција уште не се чувствува сигурна.
Има нешто и за секој неутрален гледач, а сите тие се одлични приказни, пишува, меѓу другото, „Гардијан“.