Фото: ЕПА

Никогаш не сум бил надвор од Манчестер. Ниту сум бил на заем. Кога првпат отидов беше тешко. Сега уживам. Не ни размислував за повик во репрезентацијата на Англија кога првпат отидов во Челси. Сакав само повеќе натпревари. Тоа повеќе беше можност да го докажам тоа, изјави Палмер

ФУДБАЛ

Кол Палмер вели дека неговиот летен трансфер во Челси од Манчестер сити „дава резултати“, во пресрет на неговото деби за сениорската фудбалска репрезентација на Англија, пишува „Би-би-си“. Палмер (21), кој забележа по четири гола и асистенции на 14 меча од неговото доаѓање во Челси, е повикан во репрезентацијата на Англија по повредите на Џејмс Медисон, Калум Вилсон и на Луис Данк. Палмер рече дека го напуштил Манчестер сити, освојувачот на тројната круна лани, во потрага по играње за прв тим, пишува „Би-би-си“.
– Се случи брзо, да бидам фер. Зборував со некој во Челси и разговарав со татко ми, но навистина не знаев што да правам. Размислував за тоа неколку дена. Само сакав редовно да играм – рече Палмер.
Тренерот на Челси, Маурисио Покетино, изјави дека Палмер покажал „карактер и личност“ за да се пресели во Лондон, а напаѓачот рече дека Покетино бил голема причина тој да одлучи да го напушти клубот во кој бил од својата шеста година.
– Еднаш разговарав со него пред да одам. Тоа беше добар телефонски повик, па решив да одам таму. Многу луѓе ми кажаа каков е со младите играчи. Кога отидов во Челси можев да го видам тоа. Уживам да работам со него и возбуден сум што ќе продолжам да работам со него. Тоа беше голем потег за мене. Никогаш не сум бил надвор од Манчестер. Ниту сум бил на заем. Да бидам сам таму беше голема работа. Кога првпат отидов беше тешко. Сега уживам – изјави Палмер.

Возбудливото реми 4-4 помеѓу Челси и Манчестер сити, кога Палмер го постигна израмнувачкиот гол во 95. минута од пенал, беше првпат да го види својот поранешен шеф Пеп Гвардиола по заминувањето. Тој одигра 25 меча за Манчестер сити лани во сите натпреварувања и ја заврши сезоната како победник во Премиер-лигата, Лигата на шампионите и во ФА-купот. Тој играше во првото коло сезонава за Манчестер сити во Премиер-лигата против Барнли и беше на клупата за резерви во следните два меча, пред да се пресели во Челси.
– Знаете колку добар менаџер е Пеп. Тој ми даде можност и платформа да ја почнам мојата кариера. Секогаш ќе му бидам благодарен. Којзнае што ќе се случеше ако останев? Можеби ќе играв повеќе, можеби не. Одлуката да се преселам во Челси засега дава резултати. Не ни размислував за повик во репрезентацијата на Англија кога првпат отидов во Челси. Сакав само повеќе натпревари. Тоа повеќе беше можност да го докажам тоа – изјави Палмер. Н.М.