Анѓушев беше во составот на Вардар, кој во 1961 година ги освои Купот на Југославија и пехарот на маршалот Тито. Враќање во матичниот клуб и иницијатор за формирање нов клуб, ФК Бор. По фузијата со новиот прволигаш Бор, кавадаречкиот бренд Тиквеш повторно заигра во прволигашкото друштво
Петар Анѓушев (2)
Фудбалскиот пат на еден од најдобрите фудбалери што ги дала Тиквешијата, Петар Анѓушев-Хорват не беше нималку лесен. Напротив, тој беше трнлив, на патот кон пробивот во кругот на елитните фудбалери Анѓушев мораше да помине низ многу неизвесности. Иако го привлече вниманието на стручниот штаб на Вардар, составен од поранешни фудбалери што подоцна станаа тренери, тој не се најде веднаш во првиот тим. Повеќе од една година скопскиот клуб финансираше во него, обезбедувајќи му сместување и исхрана во Скопје. Политиката на Вардар во тој период не беше веднаш да ги „оттргне“ младите таленти од матичните клубови, туку тие и понатаму да играат за нив сѐ до моментот кога тренерите не бидат убедени оти фудбалерот веќе е „стасан“ да го облече првотимскиот дрес. Тоа правило се почитуваше и во случајот со Анѓушев. Тој настапуваше за Тиквеш, а кога тренерот Антал Лика почувствува оти е дојдено време кавадарчанецот да се фати во костец со новиот предизвик, дури тогаш беше ставен на списокот на првотимците, со што заврши неговиот ангажман во Тиквеш. Од 1960 година тој стана фудбалер на Вардар и само се чекаше моментот кога ќе заигра за првиот тим.
Конкуренцијата, особено на одбранбените позиции беше голема, па многумина се сомневаа оти корпулентниот кавадарчанец лесно ќе може да се вклопи во тимот. Но, откако успешно го помина своето деби против Вележ во Мостар, во кое Вардар обезбеди реми играјќи 0-0, стана јасно оти Анѓушев е подготвен да го понесе прволигашкиот „товар“. Од тој меч, одигран на стадионот под Белиот Брег, на 2 октомври 1960 година, кавадаречкиот Хорват станува стандарден првотимец. Тој заедно со Вучидолов и со Божиновски ја формира одбранбената „тројка“, која требаше да ги сопре нападите на противничките екипи. Анѓушев стана значајна фигура во Вардар, за што сведочи и податокот што во дебитантската прволигашка сезона одигра дури 17 првенствени натпревари. Часлав Божиновски и голманот Тоде Георгиевски имаа четири настапи повеќе, а по нив, според бројот на одиграните прволигашки мечеви, доаѓаа Дончевски со 20 и Шулинчевски со 19.
Вардар – клуб со национално обележје
Сезоната 1960/1961 ќе биде запишана и запаметена како една од најуспешните во историјата на македонскиот фудбалски бренд. На крајот од таа сезона, на 26 мај, Вардар го освои и Купот на Југославија. Тој триумф им донесе голема радост не само на љубителите на фудбалот туку и на граѓаните на Македонија. Овој успех беше прославен како што прилега, величенствено, а со освојувањето на Купот и пехарот на маршалот Тито, Вардар дефинитивно се етаблира како македонски национален фудбалски бренд. Бројот на неговите симпатизери рапидно се зголеми, иако тие и понатаму навиваа за своите градски клубови, сепак Вардар беше тој што ги освои нивните срца. Што се однесува, пак, на ривалството меѓу него и другите клубови, тоа си продолжи. Меѓутоа, сите имаа почит кон Вардар, кој во својата историја имаше долг прволигашки век и беше синоним на македонскиот фудбал, не само во југословенски туку и, пошироко, во балкански и европски размери. Тој беше вистински магнет за фудбалерите, но и за навивачите. Тоа беше време кога тешко се стигнуваше во елитната југословенска лига, во која во 1950-тите години една сезона играше и Работнички, подоцна прволигашки статус стекна Тетекс, а непосредно пред распадот на поранешната држава и Пелистер заигра во прволигашкото друштво. Сета своја сила Вардар ја демонстрираше во 1987 година, кога генерацијата предводена од Дарко Панчев, со кормиларот Андон Дончевски, стана шампион на Југославија и учествуваше во тогашниот Куп на европските шампиони.
Патот до триумфот
Но, да се вратиме на патот на Вардар до освојувањето на Купот. Петар Анѓушев, како тоа да се случило во некое блиско време, убаво се сеќава на сите средби што ги одигра заедно со своите клупски другари до конечниот триумф.
– Во почетокот, како што е впрочем вообичаено, имавме полесни противници. Прв противник ни беше екипата на скопска Млекарница (тогаш поголемите фирми и фабрики имаа свои клубови), која ја совладавме со 10-0. Тоа беше само почеток и бевме свесни оти овој резултат, со оглед на разликата во квалитетот, беше и очекуван. Потоа дојдоа гостувањето во Бијело Поље и дуелот со Јединство. Таму беше многу потешко и со крајни напори победивме со 2-1, за веќе во третото коло за противник да го имаме Партизан. На преполниот стадион во Скопје го победивме „црно-белиот“ тим со 3-2, иако по првото полувреме белграѓаните имаа водство со 1-0. Оваа победа многу нѐ мотивира и охрабри, па од тие моменти со мислите веќе бевме свртени кон финалето. Но, до завршната средба требаше да се игра уште многу и да се помине низ една голема неизвесност. Следен противник ни беше белградски Раднички, кој на свој терен го совладавме со 4-1. Ждрепката сакаше и следниот меч со Сплит, кој беше повремен прволигаш, но секогаш беше во сенка на градскиот ривал Хајдук, да го играме во Скопје. Од исходот на овој меч зависеше нашата судбина. Возбудата беше присутна кај сите. Го респектиравме гостинот, но бевме решени сите да се вложиме максимално и да го направиме последниот чекор на патот кон финалето. Во тоа успеавме, одигравме квалитетен натпревар со многу голови и на крајот славевме со 5-2. Во големото финале во Белград, во борбата за пехарот на маршалот Тито, нѐ очекуваше Вартекс од Вараждин. Сите помислија дека лесно ќе дојдеме до саканата цел, со оглед на фактот што ние како тим бевме поискусни. Меѓутоа, мора да кажам оти во првото полувреме имавме големи маки да дојдеме до противничкиот гол. На одмор се отиде со најнепопуларниот резултат 0-0. Второто полувреме беше нешто друго. Квалитетот и искуството, кои беа на наша страна, дојдоа до полн израз и со головите на Мирко Илиевски и на Владо Николовски дојдовме до победа со 2-1. Конечно пехарот се најде во наши раце – вели Анѓушев.
Овој триумф, кој на Вардар му ја отвори вратата за излез на европската сцена, во Купот на националните куп-победници, го остварија Георгиевски, Вучидолов, Анѓушев, Дацевски, Божиновски, Трајчевски, Илиевски, Николовски, Велковски, Дончевски и Шулинчевски.
– Пред старата железничка станица во Скопје, по овој триумф, бевме пречекани како вистински херои. Тоа беа моменти за историјата и за незаборав. Сето она што се случуваше за време на завршната битка, а и потоа, сето она славје длабоко е врежано во мојата меморија. Тоа никогаш нема да се избрише.
Многу сопки во кариерата
Инаку, Петар Анѓушев, кој уште во почетокот ги освои симпатиите на симпатизерите, сепак, со тешка мака се избори за место во првата постава на Вардар. На почетокот тој наидуваше на многу сопки дури и од поискусните фудбалери, чие место во првата постава им беше загарантирано и немаше никаква опасност тој да ги загрози. Но, со текот на времето, по одличните игри на кавадарчанецот во дресот на Вардар, и тие што беа навикнати да критикуваат се повлекоа, па, така, престанаа озборувањата и сопките.
– Најголемата доверба кај Шпиц и кај Лика ја стекнав по мечот со Партизан во Белград. Откако на претходната средба со Црвена звезда седев на клупата за резервни играчи, веќе пред следната средба со Партизан искусниот стратег Илеш Шпиц ми пријде и ми рече: Момче, подготвувај се, ќе играш уште од првата минута. Потоа, ми ги кажа моите тактички задачи, во кои приоритетно место заземаше чувањето на противничката „осумка“, а тоа беше еден од познатите браќа Чебинац. Малку се возбудив, како да ме зафати и мала трема, но во себе си реков: Перо, ова ти е голема шанса за докажување. За моја среќа, тремата брзо ми помина и заиграв на едно високо ниво. Чебинац ретко се состануваше со топката, а јас, и покрај поразот со 2-0, бев меѓу позабележителните играчи на Вардар. По мечот, и Шпиц ја истакна мојата добра игра и од тие моменти почувствував оти веќе станувам стандарден во првата постава, а што се однесува на Партизан, во пролетниот дел во Скопје му се реванширавме и го победивме со 3-1 – се сеќава Анѓушев.
По три сезони во Вардар и одиграни близу 100 натпревари, од кои повеќето првенствени, и со освоен Куп на Југославија, Анѓушев ја одби понудата на тогашниот претседател на клубот Ванчо Цветковски да потпише нов договор и во летото во 1963 година се врати во Кавадарци. Во родниот град сѐ до 1972 повторно играше за Тиквеш, за потоа да стане тренер на новоформираниот клуб Бор. Со него од втората влезе во првата МФЛ, за веднаш потоа клубот да се фузионира со тогаш второлигашот Тиквеш. Така миленикот на кавадарчани повторно се најде во елитното друштво, во кое и денес игра значајна улога.
За крај, ја издвојуваме изјавата на легендарниот голман на ГФК Тиквеш, Јордан Милков, која најубаво ја отсликува личноста на Анѓушев: „Тој за мене останува најголемиот кавадаречки фудбалер, кој преку Вардар го афирмира не само фудбалот туку и нашиот град. Анѓушев е доблесен човек со многу позитивни особини. Неговото фудбалско дело ќе биде запишано со златни букви во македонскиот фудбал, зашто беше меѓу 11-те вардарови херои што го освоија Купот во поранешната држава. Секоја чест за него. Тој треба да е пример за сите млади генерации што доаѓаат и го облекуваат дресот на Тиквеш“.