Фото: ЕПА

Меѓу себе ќе играат Норвешка (првак во 1995 година) и Јапонија (шампион во 2011-та), како и Швајцарија – Шпанија, а досега меѓу 16-те најдобри репрезентации место обезбеди и Шведска

Во осминафиналето на Светското првенство за фудбалерки, кое се игра во Австралија и во Нов Зеланд, ќе има дуел на некогашните планетарни шампиони Јапонија и Норвешка. Втората позната осминафинална двојка по некомплетното трето коло е Швајцарија – Шпанија. Репрезентацијата на Норвешка ја освои титулата во 1995 година, а селекцијата на Јапонија беше светски првак во 2011 година.
Олимпискиот првак Канада го заврши настапот на годинашниот светски шампионат, откако во третото коло загуби од Австралија со 0-4 и го освои третото место во групата Б. Во осминафиналето од таа група се пласираа Австралија и Нигерија, а меѓу 16-те најдобри репрезентации досега место обезбеди и Шведска (група Г).
Денеска на програмата се натпреварите од третото коло во другите групи, и тоа Португалија – САД, Виетнам – Холандија (група Е, двете од девет часот), Кина – Англија и Хаити – Данска (од групата Д, двете од 13 часот).
Третото коло во групната фаза ќе се комплетира со дуелите утре Аргентина – Шведска, Јужна Африка – Италија (група Г, двете од девет часот), Панама – Франција и Јамајка – Бразил (група Ф, од 12 часот) и задутре со мечевите Јужна Кореја – Германија и Мароко – Колумбија (група Х, од 12 часот).
На еден бод до пласман меѓу 16-те најдобри се, на пример, репрезентациите на Англија, САД, Холандија, Франција, Јамајка, Италија, Колумбија… Н.М.