Вардар во јуни 1987 година стана шампион на Југославија и првпат во својата историја играше во Купот на европските шампиони. Титулата сакаше на некоректен начин да ја замати Партизан, кој преку суд бараше тој да биде прогласен за шампион. ФСЈ не подлегна на притисокот и го пријави Вардар за настап во Купот на европските шампиони

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (238) ПО ПОВОД 35-ГОДИШНИНАТА ОД ОСВОЕНАТА ТИТУЛА НА ФК ВАРДАР

Поминаа последните денови од јуни, навлеговме и во јули 2022 година, а јас некако со носталгија се сеќавам на сите јунски месеци во минативе 35 години, кога во силната југословенска фудбалска лига Вардар ја освои титулата. Колку и да беше оспорувана на некоректен начин од Партизан, сепак, Шајбер, тогашниот претседател на ФСЈ, и Управниот одбор, останаа доследни на она што го покажуваше табелата, на која Вардар беше прв, и го промовираа во официјален првак на Југославија. Тоа значеше и отворена врата за миленикот на македонската фудбалска јавност за настап во Купот на европските шампиони. Но, иако скопјаните беа за еден бод пред „црно- белите“, белграѓаните не мируваа и правдата ја бараа пред Судот за здружен труд. Измислениот Суд за здружен труд, кој немаше ама баш никаква врска со фудбалот и со случувањата во него, на смешен начин донесе одлука да му ја додели титулата на Партизан. Каква срамота и поигрување со правдата. Одлуката на Судот очигледно беше тенденциозна и од аспект што не беа почитувани ниту нормативните акти на ФСЈ. По оваа судска рашомонијада, и ФК Партизан „падна“ во очите на фудбалските љубители, а Судот на здружен труд набргу го снема. Ете, толкави беа неговата моќ и сила, толку беа веродостојни неговите одлуки. Но ова е минато време, ги напишав овие редови за да се потсетиме на тогашните превирања, од кои се срамеа дури голем дел симпатизери на Партизан.

ДОНЧО, ВОЈВОДИТЕ И ОНИЕ ПРЕД НИВ

Ние во Македонија си славевме, се радувавме на титулата и гордо си ја пеевме „Ој, Вардаре македонски“. И сега, по 35 години, се потсетуваме на тие прекрасни славенички мигови, на кои речиси секоја година се навраќа и популарната „Вардарова колекција“, Секоја чест за неа, се гледа дека ја одржуваат вистински момци, кои и душата би ја дале за Вардар. За жал, сегашниот Вардар е далеку од тој пред 35 години, но, сепак, неговите симпатизери и „Комитите“ знаат да кажат „Вардар си е Вардар“, со верба дека повторно еден ден ќе биде оној вистинскиот и стариот, полн со дух и елан.
Низ Вардар протекоа многу води, некогаш бистри, некогаш заматени, но за нас тие беа секогаш исти. Така е и со ФК Вардар, ќе се разбиструва, ќе се заматува, но останува истиот, македонски. Затоа, срцата на неговите симпатизери, како што чукаа некогаш за војводите на Дончо, и натаму ќе чукаат за нивниот миленик и ќе чекаат да се вратат деновите од времето на Кочо Димитровски, Ѓоре Јовановски, Гордан Здравков, Милко Симовски, Стојмир Урошевиќ, Дарко Панчев, Илија Најдоски, Вујадин Станојковиќ, Чедомир Јаневски, Бобан Бабунски, Васил Рингов, Момчило Грошев, Тони Савевски, Пепи Георгиевски, Томче Трајановски, Коки Аврамовски и целата плејада вардарови фудбалски ѕвезди. Со нив првпат Вардар заигра и во Купот на УЕФА во 1985 година, кога во 1. коло беше елиминиран Динамо (Букурешт), а во второто доживеа елиминација од Данди. Не треба да ги заборавиме и оние што ги бранеа боите на клубот многу години пред нив, како Кирил Симоновски-Џина, Благоја Видиниќ-Лопар, Славко Дацевски, Стојан Велковски-Цојле, Миле Миланов, Ѓорѓи Цинциевски-Џинка, Јане Јаневски, Урош Петровски, Часлав Божиновски, Петар Анѓушев, Драган Трајчевски, Раде Чапаревски-Чапар, Владо Николовски, Мирко Илиевски, Тоде Георгиевски, Благоја Вучидолов, Васко Кокиновски-Макара, Љубомир Цветковски-Жмара, Војче Димитровски, Предраг Лазаревски, Диме Арсовски, Петар Шулинчевски-Шули, браќата Илија и Сократ Мојсови, Кирил Дојчиновски, Методија Спасовски, Драган Мутибариќ-Муто, Диме Георгиев, сите легенди на Вардар. Тука се сите што во 1961 година, со победата во финалето над Вартекс, со 2-1, го освоија Купот на Југославија. Ги има уште многу, но за да се наслика сето тоа и да е во хронолошки контекст треба многу работа и време. Сепак, и ова набројување на имињата, оние што го сакаат и го следат Вардар, ќе ги потсети на гореспоменатите и на сите што ја градеа долгогодишната историја.

НИШТО НЕ Е СЛУЧАЈНО

Вардар стана миленик на македонската фудбалска и, воопшто, спортска јавност? Одговорот е логичен, нам, како народ со вековен идентитет, во новосоздадените општествени услови ни беше потребен еден симбол со кој ќе се гордееме. Така, во тие први години по Втората светска војна, откако рамноправно шесте републики и двете покраини влегоа во заедничката држава, Федеративна Народна Република Југославија, подоцна СФРЈ, нормално, како сите, и ние сакавме да се докажуваме и да покажеме дека сме народ со голем потенцијал во сите области. Бидејќи тогаш многу беше популарно секој да се фали со нешто што претставува не само задоволство туку и општ интерес, фудбалот беше полето за тој престиж и за докажување. Оној што на фудбалски план ќе котира високо, нему му припаѓаше и славата. Така, во една ситуација, кога новоформираната држава се бореше за што побрз индустриски развој и се вложуваа големи напори за вкупен развој во сите области, спортот имаше посебно место. Меѓу многуте спортови, како секаде во светот, така и во поранешната држава, фудбалот беше најатрактивното поле за докажување и спортски престиж меѓу народите што ја сочинуваа југословенската заедница. Така, почнаа да се создаваат и фудбалските клубови што ги носеа обележјата на својата нација. Нашето македонско обележје на фудбалски план стана токму Вардар, кој се роди во 1947 година, по фузијата на скопските клубови Победа и Македонија. Од тие моменти Вардар станува знаменит клуб, со сите обележја на македонскиот национален идентитет. Можеби затоа, и покрај тоа што секој град си имаше свој клуб, сепак, Вардар беше наш македонски синоним, во најпопуларниот спорт.
За тоа дека ништо не е случајно зборува и фактот што Вардар беше клуб што многу години беше единствениот претставник од Македонија во Првата југословенска лига. Се случуваше некогаш и да се пресели меѓу второлигашите, но неговата сила беше во тоа што и во тие моменти на криза брзо се враќаше во елитното друштво. Најдолг период на отсуство од настапите во Првата лига беше оној од 1976 до 1979 година. Но, и тогаш не се губеше надеж, предводен од легендарниот Стјепан Бобек се врати во старото јато. Тоа беше период кога практично во Вардар беа собрани најнадежните македонски фудбалери и кога почна да се создава силен тим, кој го продолжи прволигашкиот од, со крајна цел еден ден да се стигне и до самиот врв. По онаа незаборавна 1987 година, кога конечно желбата на многуте вардарови генерации беше исполнета и беше освоена југословенската титула, во новиот век како најплодна година може да се смета 2017-та. Тогаш Вардар, предводен од два поранешни свои аса, Дарко Панчев, спортски директор, и Чедомир Јаневски, тренер, се пласира во групната фаза на Лига Европа, втора по квалитет, по Лигата на шампионите. Ова е уште еден пример, за она што го кажав дека „ништо не е случајно“.

ШАМПИОНСКИОТ ТИМ И НИВНИТЕ ТРЕНЕРИ

Вардар, како што може да се види, помина низ многу премрежиња, но секогаш остануваше силен. Овој текст, што е всушност потсетување на месецот кога пред 35 години Вардар ја освои титулата шампион на Југославија, како што прилега, го завршувам со фудбалерите и со тренерите што го постигнаа овој успех. Андон Дончевски-Дончо беше предводникот на јунаците, често од него споредувани со македонските војводи. Тука, до него беа две личности вистински легенди, некогаш лидери во тимот Методие Спасовски и Кочо Димитровски. А, еве ги и фудбалерите со бројот на настапите и постигнатите голови: Тони Савевски (33-1), Дарко Панчев (32-18), Чедомир Јаневски (31-4), Илија Најдоски (30), Мирко Петров (30-6), Вујадин Станојковиќ (29), Венцо Симоновски (29), Драги Канатларовски (28-5), Јовче Џипунов (27-2), Никола Аврамовски (24), Љупчо Лазаров (22), Бобан Бабунски (19), Момчило Грошев (13), Зоран Трајчевски (13-1), Благоја Тодоровски (12), Горан Стојановиќ (11), Слободан Горачинов (10-2), Тони Анастасовски (8), Гоце Димовски (7), Николчо Филипов (5), Васил Рингов (4- 1), Љупчо Марковски (3), Ајро Суби (3), Томче Трајановски (3), Јован Бизимовски (2), Милко Симовски (1), Зоран Бошковски (1), Слободан Мутибариќ и Саша Ќириќ.
Предводник беше голгетерот Панчев. Колкави беа неговите квалитети потврдува и податокот што четири пати беше прв стрелец во Првата југословенска лига, еднаш во дресот на Вардар и трипати во дресот на Црвена звезда. Со белграѓаните, Панчев со 34 гола во 1991 година беше и прв европски стрелец и носител на „златната копачка“. Голем број фудбалери од шампионската генерација направија убави кариери во странство, со што придонесоа и за афирмација на името на својот клуб Вардар.