Пробниот период од 12 месеци на натпреварувањата на ФИФА, за објаснување на одлуките на ВАР на телевизиските и на гледачите на стадионот, ќе почне на клупското СП и, ако биде успешно, ќе продолжи на СП за фудбалери до 20 години, а потоа на СП за фудбалерки, годинава. ИФАБ реши и да нема тестирање на привремената замена во случај на потрес на мозокот и да се препорача точно дополнување на времето на мечевите како што беше на СП 2022

ФУДБАЛ – ИФАБ

Одлуките донесени од видеопомошникот-судија (ВАР) треба да им бидат објаснети на телевизиските гледачи и на присутните на стадионот за време на клупското Светско првенство (СП) следниот месец, пишува „Би-би-си“. Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) вели дека ако тестирањето на клупското СП во Мароко биде успешно, тогаш тоа би можело да биде спроведено и на други натпреварувања на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Пробниот период од 12 месеци на натпреварувањата на ФИФА ќе почне на клупското СП и, доколку биде успешно, ќе продолжи на СП за фудбалери до 20 години, а потоа на СП за фудбалерки, годинава. Системот каде што одлуките им се објаснуваат на оние што гледаат дома и на стадионите ќе го следи моделот на директни објаснувања како во крикет и во Националната лига во американски фудбал (НФЛ).
Во меѓувреме, исклучено е тестирањето во Премиер-лигата следната сезона на привремената замена во случај на потрес на мозокот на фудбалер. Тоа беше дискутирано кога ИФАБ се состана во Лондон по барањето на Светскиот синдикат на играчи (ФИФПРО) и Форумот на светските лиги за тестирање на протоколот во англиската врвна лига, потоа во Лига 1 во Франција и во фудбалската лига во САД, пишува „Би-би-си“. Актуелните протоколи за потрес на мозокот, кои овозможуваат дополнителна трајна замена, наидоа на критики откако беа одобрени во 2020 година, при што учесниците на кампањата ги истакнаа случаите кога на играчот му беше дозволено да остане на теренот пред подоцна да биде заменет.

Извршниот директор на Фудбалската асоцијација (ФА), Марк Булингем, кој ја поддржа идејата за тест-период, вели дека не може да се постигне консензус и наместо тоа, сегашниот тест-период за постојана замена во случај на потрес на мозокот ќе продолжи на неодредено време. ФИФПРО и Форумот на светските лиги, асоцијацијата на професионални фудбалски лиги, во заедничката изјава рекоа дека се „многу разочарани“ од одлуката, дека „понатаму ќе ја проценуваат ситуацијата“ и „ќе ги разгледаат нивните опции како да продолжат“, пишува „Би-би-си“.
ИФАБ, исто така, ја поздрави својата „успешна“ политика за дополнително време на мечевите на ланското Светско првенство, кога станаа норма натпревари што траат повеќе од 100 минути, вклучувајќи и дополнување на прекините. Идејата е да се осигури да се зголеми времето на играње и откако ќе се отфрлат алтернативите, како што е да се сопира времето при секој прекин, се верува дека може да се направат промени во постојната структура на играта. Во суштина тоа значи да се мери секој прекин и да се додаде тоа време на крајот од натпреварот, наместо груба идеја за вкупното време, што ќе биде пренесено како водич за сите домашни натпреварувања од следната сезона, пишува „Би-би-си“.