Овој трофеј, најпосакуван за секој млад фудбалер, претставува и мотив плус за секој тренер што работи во нашиот клуб, но и сатисфакција за тоа дека сме на добар пат во работата со младите категории, вели тренерот на клубот, Стефановски
ФУДБАЛ – ИЛИЈА СТЕФАНОВСКИ, ТРЕНЕР НА ФК ЊУ СТАРС, ПИОНЕРСКИОТ КУП-ПОБЕДНИК НА МАКЕДОНИЈА
Новите ѕвезди од ФК Њу старс блеснаа во пионерскиот фудбалски Куп на Македонија. Претпочитајќи ги трендовите во модерниот фудбал, овие идни фудбалски ѕвезди високо го подигнаа славеничкиот пехар, совладувајќи го во финалето скопски Работнички со 1-0. Брегалница и Пелистер, мошне респектирани екипи во нашето првенство, со добри младински школи, веќе беа минато, мораа да се помират со пораз во четврт-финалето, односно полуфиналето. Целта е остварена, клубот од Ѓорче Петров, формиран во 2011 година, цели далеку. Еден од најзаслужните за досегашното достигнување, секако, е младиот тренер на клубот, Илија Стефановски.
Очекувавте ли да го освоите куп-трофејот во оваа категорија и што претставува тој за вас како тренер и за екипата?
– Куп-натпреварите секогаш носат посебна енергија и возбуда. Ова е една од нашите подобри категории фудбалери, генерација родени во 2006 година. Минатата сезона немавме среќа, но годинава целевме кон овој трофеј и успеавме. Овој трофеј, најпосакуван за секој млад фудбалер, претставува и мотив плус за секој тренер што работи во нашиот клуб, но и сатисфакција дека сме на добар пат во работата со младите категории на играчи. Во секој случај, голем успех за клуб што постои 12 години и кој за кратко време успеа да биде во конкуренција со клубови што имаат поголема историја во Македонија.
Колку члена има клубот и има ли во оваа категорија репрезентативци на Македонија?
– Клубот активно се натпреварува и „произведува“ нови квалитетни фудбалери што играат низ младите репрезентативни селекции на Македонија. Имаме повеќе од 300 члена, а конкретно во оваа генерација, која го освои Купот имаме, четири стандардни и уште еден-двајца потенцијални репрезентативци, како што се Марко Киш, Александар Грашевски, Алтин Нуредини, Тома Георгиевски. Новите ѕвезди доаѓаат…
Каде се „готват“ тактиката и стратегијата за успех и колкупати неделно се реализира тоа?
– Тренираме на стадионот „Македонски лавови“ во Ѓорче Петров, на подлога со вештачка трева. Тоа го правиме секојдневно во различни термини погодни за секоја генерација, почнувајќи од најмалите, родени во 2017-та, за кои е предвиден еден час, додека со другите времето за тренинг се планира.
Ќе ја одбраните ли шампионската круна и следната година?
– Оваа генерација фудбалери имаат огромен потенцијал и многу верувам во нив. Куп-натпреварите секогаш се непредвидливи, но спортски е да целиме и да се надеваме секогаш на успех. Во клубот работат реномирани и лиценцирани тренери, под раководство на координаторот Марјан Јовановски, носител на УЕФА-пролиценца, кое е најголемо достигнување во школувањето на еден тренер и кој е одговорен за програмата и работата на секој тренер во нашиот клуб.
Идните планови на „новите ѕвезди“?
– Клубот е поставен на здрави нозе, од што произлегуваат и резултатите. Наша цел е да создадеме квалитетни фудбалери, кои ќе нѐ радуваат во репрезентативниот дрес, како и во клубови што се натпреваруваат во пореномирани првенства, а со што сите ќе се гордееме, оптимист е тренерот на клубот, Илија Стефановски. Г.И.