Меѓу нив се издвојуваат Грем Потер од Брајтон, Томас Франк од Брентфорд и Еди Хау од Њукасл, но во таа категорија спаѓаат и Патрик Виера од Кристал палас, Џеси Марш од Лидс, Стив Купер од Нотингем форест и Марко Силва од Фулам

ФУДБАЛ

Дали ова ќе биде сезона на менаџерите/тренери во Премиер-лигата? Само по неколку кола во годинашната кампања веќе се истакнаa неколку тимови што се одлично организирани на теренот и во кои менаџерите првенствено се во улога на тренери. Меѓу нив се издвојуваат Грем Потер од Брајтон, Томас Франк од Брентфорд и Еди Хау од Њукасл, но во таа категорија спаѓаат и Патрик Виера од Кристал палас, Џеси Марш од Лидс, Стив Купер од Нотингем форест и Марко Силва од Фулам, кои се во горниот дел од табелата, пишува „Телеграф“.
Она што е уште поохрабрувачко е квалитетот на фудбалот што го играат тие тимови и менаџирањето од тренерите, меѓу кои четворица се Британци. Дури и во Лига-купот против Форест грин роверс (3-0) пред 10-на дена, Потер направи 11 измени во тимот Брајтон, кој беше со просечна возраст од 22 години, но повторно користеше исти тактички формации како на мечот со Кристал палас. На „Олд трафорд“, во победата над Манчестер јунајтед (2-1) во првото коло, Потер го адаптира својот пристап за да го охрабри тимот понекогаш да игра со долги топки до напаѓачот Дени Велбек, со што го изненади противникот. Тој и неговиот тим покажаа флексибилност, која е охрабрувачка за „здравјето“ на англискиот фудбал. Резултатите на Брајтон сезонава се импресивни, на четирите меча забележаа три победи и едно реми. Слично е и со Лидс, кој е петти (две победи, и по еден пораз и реми), како и со Њукасл, кој е седми, без пораз (една победа и три ремија).
Сево ова доаѓа во време кога на трансфер-пазарот се трошат сѐ повеќе пари и кога постои страв дека големите клубови повторно ќе доминираат. Би било шокантно доколку некој од овие тимови ја освои титулата како Лестер во 2016-та, па дури и да влезе меѓу првите шест, но постои чувство дека Потер и колегите со нивните тимови се на нивото на најдобрите, правејќи ја лигата поконкурентна. На крајот, силата на тимовите на големите клубови треба да се покаже со поголемиот избор на квалитетни играчи, но треба да се имаат предвид згуснатиот календар сезонава и ефектите од Светското првенство (СП). Наспроти тоа, менаџерите сега можат да користат по пет замени и, како што вели дефанзивецот на Тотенхем, Бен Дејвис: „Можете да смените половина тим, и со квалитетот што го имате на клупата да направите комплетен пресврт“.
Сезонава веќе беа забележани неколку изненадувачки резултати. Тука, покрај победата на Брајтон над Манчестер јунајтед, спаѓа и победата на Брентфорд над Манчестер Јунајтед (4-0), како и на Лидс над Челси (3-0), но и начинот на кој беа постигнати.

– Богатите клубови можат да си ги дозволат најдобрите играчи во светот, а другите клубови што се со помал буџет мора да наоѓаат начини како да бидат попаметни при трансферите и потоа како да ги подобрат играчите што ги имаат на располагање – вели извршниот директор на Брајтон, Пол Барбер.
Тој нагласува дека нема намера да го критикува начинот на кој функционираат големите клубови, но истакнува дека тие можат да бидат победувани ако на другата страна им се спротивстави добар тренер со добро воден тим.
– Потер е тренер што нашите играчи секојдневно ги прави подобри. Но ние исто така знаеме дека ќе имаме проблеми и тука треба повторно да се видат квалитетите на тренерот за да се надминат тешкотиите – додава Барбер, потсетувајќи на минатата сезона кога Брајтон немаше победа на шест меча.
Жозе Мурињо, како менаџер на Челси, пред неколку сезони прв ја изнесе теоријата дека ќе има израмнување на силите во Премиер-лигата, оти „секој клуб има добри играчи, па мислам дека ќе им биде сѐ потешко за врвните тимови во Англија“.
Тоа беше теорија што беше прифатена во тоа време, но сега се остварува бидејќи „супертренерите“, како Пеп Гвардиола, Јирген Клоп, Томас Тухел и Антонио Конте, се соочуваат со „млади сили“, кои се подготвени да ги наследат, па и да ги надминат. Како што сугерира Мурињо, станува збор за мудри одлуки кога се работи за активностите на трансфер-пазарот, односно како што е случајот со Брајтон, тоа да оди рака под рака со квалитетниот тренер, како и со клупскиот бизнис-модел.
– Ако можете да ги подобрите играчите, тогаш тоа не само што ќе ви ја подобри играта туку ќе ви даде можност да продавате фудбалери и да профитирате и потоа тие пари повторно да ги употребите за потребите на клубот – вели Барбер. Л.Д.


Паркер е првата менаџерска жртва сезонава

Премиерлигашот Борнмут го отпушти менаџерот Скот Паркер по катастрофалниот пораз во саботата од Ливерпул (0-9) и по само четири натпревари во сезоната. Борнмут го доби првиот натпревар против Астон вила (2-0), но потоа ги загуби следните три меча, од Манчестер сити (0-4), од Арсенал (0-3) и од Ливерпул (0-9), прими дури 16, а не даде ниту еден гол!
Паркер (41) отиде во Борнмут во јуни 2021 година и успеа со тимот од Чемпионшип годинава да се пласира во Премиер-лигата. Поранешниот менаџер на Фулам, по поразот од Ливерпул, имаше сериозни забелешки кон клупските челници, кои не го поддржаа летово на трансфер-пазарот.
Паркер е првиот премиерлигашки шеф што добил отказ во првиот месец од сезоната, по Пол Старок во Саутемптон и по Боби Робсон во Њукасл во 2004, по само две, односно четири кола. Оттогаш, други менаџери што си заминале во август беа Тони Пјулис од Кристал палас, но со заедничка согласност, два дена пред почетокот на сезоната 2014/2015, и Мартин О’Нил, кој поднесе оставка во Астон вила во 2010 година.