Карло Анчелоти, Унаи Емери, Јирген Клоп, Пеп Гвардиола

Во полуфиналето сезонава играат по два тима од Англија и од Шпанија (двојките се Манчестер сити – Реал Мадрид и Ливерпул – Вилјареал). Досега осум пати во мечеви за европската титула играа тимови од една земја, и тоа по трипати од Шпанија и од Англија и по еднаш од Италија и од Германија

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Два тима од англиската фудбалска Премиер-лига, Манчестер сити и Ливерпул, против два од шпанската Ла лига, Реал Мадрид и Вилјареал, играат во завршницата на Лигата на шампионите (ЛШ) неделава. Дилемите се дали и годинава, како и лани, ќе се повтори сеанглиско финале, кога играа Челси и Манчестер сити, може ли Вилјареал да изненади, а Карло Анчелоти на клупата на „кралевите“ да го освои четвртиот европски трофеј. Вкупно досега осум пати во мечеви за европската титула играа тимови од иста земја, и тоа по трипати од Шпанија и од Англија и по еднаш од Италија и од Германија.
Премиер-лигата ја претставуваат двете најдобри екипи, кои се сметаат за фаворити во полуфиналето и за продолжување на доминација на Англија во ЛШ. Откако немаше англиски тимови во финалето пет сезони, помеѓу 2013 и 2017 година, Премиер-лигата даде пет од претходните осум финалисти, при што две од минатите три финалиња беа меѓу англиски тимови. Ливерпул ќе игра за пласман во третото финале во минатите пет сезони. Во 2018 година загуби од Реал Мадрид (1-3), но по 12 месеци го победи Тотенхем (2-0) и ја освои шестата европска титула. Сити, пак, посакува ново финале и реванш за поразот од Челси (0-1) во ланскиот меч за европската титула.

Унаи Емери немаше многу успеси како менаџер на Арсенал, претходно и на Пари сен Жермен, но е многу почитуван во родната Шпанија, благодарение на одличната работа во Валенсија, Севилја и во Вилјареал. Го нарекуваат „крал на купот“, откако со Севилја трипати по ред, помеѓу 2014 и 2016 година, триумфира во Лига Европа (ЛЕ). Емери лани со Вилјареал ја освои четвртата титула во ЛЕ што му донесе пласман во ЛШ. Сезонава „Жолтата подморница“ елиминира два европски гиганта, двократниот европски првак Јувентус во осминафиналето и шесткратниот победник Баерн во четврт-финалето.
Помеѓу 2016 и 2018 година, Реал Мадрид беше непобедлив во Европа, триумфирајќи трипати по ред во ЛШ под водство на Зинедин Зидан и со тим преполн со играчи на врвот на кариерите. Сега тоа не е тим од ист калибар, но уште има некои од ѕвездите од таа ера, кои знаат како се победува, за што сведочи предноста од 15 бода во Ла лига. Во осминафиналето, Реал го елиминира ПСЖ, потоа и бранителот на титулата, Челси. Анчелоти е еден од само тројцата менаџери што трипати ја освоиле европската титула (по три трофеи освоија Боб Пејсли со Ливерпул и Зидан со Реал, а Анчелоти има два со Милан и еден со Реал) и победил на 74 отсто од 35 натпревари на клупата на Реал во ЛШ, што е најдобар процент победи од кој било менаџер со најмалку 20 меча за еден клуб во ова натпреварување.


Кој има најмногу настапи во полуфинале на ЛШ?

Тимови од Шпанија имаат 59 настапи во полуфиналето на фудбалската ЛШ, најмногу Реал Мадрид 31, а потоа се Барселона 16, Атлетико шест, Валенсија и Вилјареал по два, а Ла Коруња и Сосиедад по еднаш. Англија има вкупно 46, а од клубовите Ливерпул и Манчестер јунајтед по 12, Челси осум, Лидс и Манчестер сити по три, Арсенал, Нотингем форест и Тотенхем по два, Астон Вила и Дерби по еднаш. Италија има 35, од тоа Јувентус и Милан по 12, Интер осум, Рома два и Фиорентина еднаш.


ФИНАЛИЊА НА ЛШ СО ТИМОВИ ОД ИСТА ЗЕМЈА

ГОД. ЗЕМЈА ДВОЈКА РЕЗ.
2000 Шпанија Реал Мадрид – Валенсија 3-0
2003 Италија Милан – Јувентус 0-0, 3-2 п.
2008 Англија Манчестер јунајтед – Челси 1-1, 6-5 п.
2013 Германија Баерн – Борусија Д. 2-1
2014 Шпанија Реал Мадрид- Атлетико 4-1
2016 Шпанија Реал Мадрид- Атлетико 1-1, 5-3 п.
2019 Англија Ливерпул – Тотенхем 2-0
2021 Англија Челси – Манчестер сити 1-0