Фото: ЕПА

По мечевите во септември, од 12-те селекции со обезбеден плејоф од настапот во Лигата на нациите, на места за директен пласман низ квалификациите сега се осум. Според правилата, ако тие обезбедат директен пласман на ЕП 2024, ќе им го отстапат своето место во плејофот на следните репрезентации според вкупниот пласман во Лигата на нациите

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024

Откако по септемврискиот циклус мечеви од квалификациите за фудбалското Европско првенство (ЕП) в година осум од вкупно 12 репрезентации што обезбедија играње во плејофот низ Лигата на нациите се на места што носат директен пласман на континенталното првенство, можни се измени на учесниците во плејофот за пласман на шампионатот в година во Германија.
По завршувањето на сезоната во Лигата на нациите, 12 првопласирани репрезентации во групите во лигите А, Б и Ц обезбедија учество во плејофот. Тоа се Шпанија, Хрватска, Италија, Холандија (лига А), Израел, БиХ, Србија, Шкотска (лига Б), Грузија, Грција, Турција и Казахстан (лига Ц).
Сепак, според правилата, ако тие селекции обезбедат директен пласман на Европското првенство во 2024 година низ квалификациите, ќе им го отстапат своето место на следните репрезентации според вкупниот пласман во Лигата на нациите.
По мечевите во септември од селекциите со обезбеден плејоф на места за директен пласман низ квалификациите сега се Шпанија, Хрватска, Италија, Холандија (од Лига А), Израел, Србија, Шкотска (од лига Б) и Турција (лига Ц). Од 16-те репрезентации од лигата А, дури 14 сега се на места на табелите во квалификациите за директен пласман на континенталното првенство, освен Полска и Велс, кои според сегашниот пласман на табелите би обезбедиле играње во плејофот.
Од другите лиги на позиција за учество во плејофот сега се БиХ, Финска, Украина, Исланд, Норвешка (лига Б), Грузија, Грција, Казахстан, Луксембург (лига Ц) и Естонија (лига Д), која ќе игра само ако од лигата А нема доволен број репрезентации за комплетирање на двојките за плејофот. Победниците на групите од лигите Б и Ц не можат во плејофот да се соочат со репрезентации од повисоките лиги.
На ЕП 2024 ќе играат вкупно 24 репрезентации, и тоа домаќинот Германија, потоа по две најдобри селекции од 10-те квалификациски групи, како и три репрезентации што ќе победат во плејофот. Н.М.