Селекторот на Бразил, Диниз, ја освои Копа либертадорес со Флуминенсе. Тој го направи тоа играјќи иновативна игра со посед, стилизирана како спротивност на Гвардиола. Фудбалот на Диниз стана фасцинација. Тоа е одново измислена игра со посед на топката. Спротивно на Гвардиола, според самиот Диниз. За едни тоа е ново, за други тоа е обновување на „жого бонито“, прекрасната игра, пишува „Скај спорт“
Во финалето на фудбалското клупско првенство на Јужна Америка, Копа либертадорес, Флуминенсе (Бразил) го победи Бока јуниорс (Аргентина), во саботата, на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро, со 2-1. Тоа е огромен момент за Флуминенсе, откако бразилскиот гигант првпат го освои тој трофеј. Но играта на тимот има пошироко значење поради тактиката, пишува „Скај спорт“. Фудбалот на тимот на Фернандо Диниз стана фасцинација. Тоа е одново измислена игра со посед на топката. Спротивно на Пеп Гвардиола, според самиот Диниз. За некои тоа е ново, за други, тоа е обновување на „жого бонито“ (прекрасната игра), пишува „Скај спорт“. Бразил каков што би сакал да се гледа себеси. Потпирајќи се на идеите од мал фудбал, ова е фудбалот како слободно изразување со играчи што повеќе не се врзани за зона, туку се охрабруваат да комуницираат, да ротираат и да создаваат.
– Начинот на кој Пеп сака да има посед е спротивен од мојот. Неговиот стил е позициски, мојот е антипозициски – вели тој.
ДИНИЗИЗАМ
За европските очи, овие преоптоварувања, испрекинати формации, ја предизвикуваат воспоставената мудрост. Карлос Карвалхал, искусниот португалски тренер, тоа го нарекува „еден вид хаос“. За Бруно Пивети, пак, кој некогаш му беше асистент на Диниз, контрастот помеѓу европската игра и идеите на Диниз, т.н. динизизам, кој се користи во Флуминенсе и сега во неговата улога на привремен селектор на Бразил, тешко дека може да биде поизразен. Пивети работеше во Европа, учејќи ја позициската игра во Португалија.
– Тоа е европската култура на фудбалот. Она што нѐ учи таа европска школа е дека играњето позициски е најдобриот начин, бидејќи ви дава ширина и длабочина. Сите играчи остануваат на својата позиција и тоа значи дека кога играчот губи посед на топката, полесно е да се организира во одбрана, бидејќи сите играчи веќе се наоѓаат на својата позиција. Тоа го олеснува пресингот, полесно е да се вратите во одбранбена формација – изјави тој за „Скај спорт“.
Неговите две и пол години со Диниз, слушајќи и учејќи, го променија начинот на кој тој ја гледа играта.
– Кога почнав да работам со Фернандо, многу од тие парадигми се распаднаа. Сфатив дека има илјада начини да се игра фудбал – вели Пивети.
Тој сака да нагласи дека во работата на Диниз има повеќе отколку само тактика.
– Дипломирал психологија. Тој е многу умен, има посебен начин на менаџирање и мотивирање на играчите. Тоа е многу интересно – вели тој.
Но моделот на играта Диниз е тој што го прави единствен.
– Тоа е многу специфично. Од првата фаза на градењето, тој ја сака оваа многу интензивна ротација на неговите играчи. Се обидува да ги вклучи најтехничките играчи во првата фаза за да му помогне на голманот да ја задржи топката и потоа да напредува по теренот оттаму. Бековите влегуваат внатре и играат меѓу редовите и тоа предизвикува конфузија кај противниците во однос на тоа како да се бранат. Тоа им создава дилема. Тие не знаат дали треба да притиснат или да останат за да ја заштитат зоната, бидејќи сите играчи ротираат. Крилните фудбалери не се секогаш на крилата. Тие влегуваат внатре. Сите играчи играат заедно, така што фудбалерот со топката секогаш има три или четири опции за кратко додавање. Многу е тешко да се одбраниш од идејата на Диниз, бидејќи има многу офанзивни опции – рече Пивети.
ПОЗИЦИОНИЗАМ И РЕЛАЦИОНИЗАМ
Кога Пивети зборува за посед на топката, тој вели: „Неговиот основен принцип е да ја задржи топката“, а кога се осврнува на пресингот, додава: „Играчите брзо реагираат за да извршат притисок врз топката. Тоа е многу агресивно и кога ќе ја вратат топката, сите играчи се блиску еден до друг“. Во овие моменти, на неупатените, оние надвор од тренерските кругови, ова им изгледа само како варијации на некоја тема, пишува „Скај спорт“. Сличностите со пристапот сега популаризиран во Премиер-лигата се очигледни. Но, внатре во играта, тие препознаваат и длабоки разлики. Тоа предизвика дебата за заслугите на позиционизмот и овој т.н. релационизам, дискусија што се одржува во националната академија на Бразил.
– Се собираме како тренери за да зборуваме за неговите идеи. Многу тренери сакаат да го разберат начинот на Фернандо – вели тој.
И тоа сега се прошири надвор од Ј. Америка. Рене Мариќ долго време е во авангардата на тактиката, блогирајќи на оваа тема пред да постигне успех како тренер во Борусија Дортмунд.
– Има дискусија за релационизам наспроти позиционизам, но за мене тие зборови не се важни. Она што е важно е идејата. Сличностите и разликите. Фокусот е да се има топката и да се случи нешто со поседот, исто како Роберт де Зерби и Пеп Гвардиола. Но, со Флуминенсе, каде што ги имате овие екстремни преоптоварувања, тие сакаат да ја задржат топката, но помалку се фокусирани на просторниот аспект – изјави Мариќ за „Скај спорт“.
Замислете Џек Грилиш да се движи внатре за да игра поблиску до Фил Фоден. За Гвардиола тоа само би го преполнило просторот, токму она што тој не сака да му се случи, а за Диниз тоа би создало преоптоварување, зголемувајќи ја веројатноста за отклучување на одбраната. Мариќ укажува на улогата на Пауло Гансо, елегантниот плејмејкер (34), кој кратко играше во Европа, но беше клучен за Диниз, движејќи се длабоко за да ја собере топката.
– Не дека Гансо бесцелно прави комбинации. Дозволено му е да шета, но тој уште следи слични принципи како централните бекови на Де Зерби. Тој ја чува топката, ги мами, ги привлекува, создава простор. Но, наместо тоа да го прави низ целиот терен со добра распределба, тоа го прави во еден дел од теренот – објаснува Мариќ.
Тоа бара многу од играчите на Диниз, бидејќи „повеќе се работи за ефектот отколку за просторот“, бидејќи е потребно постојано вртење за да се придвижи тимот на теренот. Но, кога функционира, како што е толку спектакуларно кај Флуминенсе, може да биде убаво. Мариќ препознава слични модели во работата на Рулани Моквана во Мамелоди Сандаунс (Јужна Африка) и на Хенрик Ридстром од Малме (Шведска). И Марти Цифуентес, кој одблиску се соочи со фудбалот на Ридстром како тренер на Хамарби, не сака да стави етикета на овој стил врз основа на тоа дека ништо во фудбалот не е ново.
УЛИЧЕН ФУДБАЛ И ФУТСАЛ
– Точно е дека постои одреден тренд со овој релационизам и Малме следи некои од тие принципи. Мислам дека релационизмот има некои работи што се заеднички со позиционираниот начин на игра, а тоа е создавање добри односи на играчите. Станува збор за создавање супериорности што ќе ви помогнат да постигнете гол – изјави тој за „Скај спорт“.
Но, како каталонски тренер во Европа, неговите сопствени инспирации го формираат неговиот став за играта.
– Според мене, топката секогаш ќе биде побрза од кој било играч. Затоа мислам дека добрата позиција на теренот секогаш ќе ви овозможи да играте побрзо – објаснува тој.
Диниз (49) имаше тежок почеток со националниот тим. По ремито дома со Венецуела, следуваше пораз од Уругвај, во време кога играчите од Европа се борат да се приспособат на неговите барања. Од еден аспект, на Диниз би требало да му биде полесно да успее сега кога го достигна врвот. Тоа е далеку од неговото време во втората дивизија на Сао Паоло со Пивети пред една деценија.
– Тој сега работи со најдобрите играчи. Неговите идеи се многу слични на она што беа тогаш, но сега тој е на врвот и има квалитет да ги спроведе своите идеи во практика. Во тоа време игравме на многу лоши терени, на пример. Сега тој има многу подобри услови за спроведување на своите идеи – вели Пивети.
Од друга страна, неговиот стил на игра бара поголема имагинација од играчите. Потребно е време за да се развијат односите.
– Со репрезентацијата има само неколку дена да го подготви тимот, само неколку тренинзи – вели Пивети.
Поради тоа, Диниз по поразот од Уругвај рече дека „тимот не знаеше како да гради и главната одговорност е недова“. Тој останува убеден дека неговите методи можат да функционираат, но уште се бори против доминантната фудбалска култура. И не само во Европа. Успехот на Жорге Жезус во освојувањето на Копа либертадорес со Фламенго во 2019 година предизвика идеја да се назначат португалски тренери на најголемите работни места во Бразил. Во тој контекст, подемот на Диниз може да се гледа како обид за оттурнување на таа идеја, пишува „Скај спорт“. Абел Фереира, португалскиот тренер на Палмеирас, сугерира дека тој самиот се бори против бразилскиот инстинкт во обидот да спроведе позициска игра таму. Тоа е став што го дели Пивети, дека динизизам е поприроден начин за играње на Бразилците.
– Играчите тука потекнуваат од друга фудбалска култура, така што мислам дека не е толку тешко за Бразилците да се приспособат на неговиот начин на игра, бидејќи е слично на она што го правевме во нашето детство на улиците на Бразил. Мислам дека суштината на идејата на Фернандо е овој уличен фудбал. Таму играчите немаат фиксна позиција и постојано ротираат. Многу е слично во футсалот, кој игра голема улога во годините на формирање тука. Треба да притискате агресивно и да ротирате. Фернандо се обидува да ги стави овие футсал-вештини во својата идеја за играта – вели Пивети.
Да се направи тоа со Бразил на меѓународната сцена ќе биде врвно достигнување, повторно разгорувајќи го духот на 1970 година, покажувајќи дека славниот фудбал од 1982 година уште може да функционира. Но, освојувањето на Копа либертадорес со Флуминенсе? И тоа би било маркер. Тоа може да предизвика ренесанса за релационизмот, поинаков начин на гледање на играта, пресвртница за бразилското тренирање.
– Тука тренерите работат само за да опстанат. Но Фернандо имаше храброст да ги испроба своите идеи. Се надевам дека ќе ја освои титулата – рече Пивети пред финалето.
Тој не е сам, пишува „Скај спорт“. Н.М.