Србинот Александар Митровиќ го постигна 31-от гол сезонава, со што го израмни рекордот на Иван Тони од Брентфорд од лани, за најмногу постигнати голови во една сезона од ребрендирањето на лигата во 2004 година

ФУДБАЛ – ЧЕМПИОНШИП

Лидерот во Чемпионшип, Фулам, забележа нова победа, на гости над Хал (1-0), 19-та на 30 меча. Голот го постигна Србинот Александар Митровиќ, за него 31. сезонава, со што го израмни рекордот на Иван Тони од Брентфорд од лани, за најмногу постигнати голови во една сезона (на 45 меча) од ребрендирањето на лигата во 2004 година.
Митровиќ (27) отиде во Фулам од Њукасл во 2018 година и оттогаш на 161 натпревар за англискиот клуб има дадено 84 гола, плус 18 асистенции. За репрезентацијата на Србија, пак, тој има постигнато 44 гола на 69 меча.
По сѐ изгледа Митровиќ ќе го собори рекордот на Гај Витингем (42) за најмногу голови во втората според квалитет лига во Англија, во ерата на Премиер-лигата, за Портсмут во сезоната 1992/1993.
Пред Митровиќ и Тони, рекордот според бројот на дадени голови во Чемпионшип го држеше Глен Мареј, кој даде 30 во сезоната 2012/2013, кога Кристал палас се пласираше во Премиер-лигата. Исто толку голови (30) пред две сезони постигна и Финецот Тему Пуки, за Норич. Најмногу голови во историјата на втората лига има дадено Џорџ Камсел (59) за Мидлсбро, во сезоната 1926/1927.
Фулам е на водечката позиција со 64 бода, шест повеќе од второпласираниот Борнмут и 11 повеќе од третопласираниот Блекбурн, кој има и меч повеќе. На 30-те меча, Фулам даде 78 гола (во просек 2,6 по натпревар), од кои само четири од пенал. Доколку продолжи со истото темпо, до крајот на сезоната Фулам ќе постигне 122 гола, со што ќе го израмни рекордот на Мидлсбро од 1927 година.