​​​ФУДБАЛ

Освојувањето на титулата секогаш е цел, тоа секогаш е моја цел лично. Многу е тешко да се направи тоа затоа што треба да бидете константни во текот на целата сезона. Ја почнавме минатата сезона многу добро и бевме во добра позиција и потоа загубивме неколку меча и веќе бевме трети и тоа се случи толку брзо. Тоа е нешто што треба да го промениме. Сто бода треба за да ја освоите титулата, па дури и тогаш е многу тесно и сѐ се сведува на последното коло. Многу е тешко и затоа е најдобрата лига во светот. Мораме да бидеме подготвени за тоа, вели за „Скај спорт“, фудбалерот на Челси, Мејсон Маунт.
Челси лани беше трет во Премиер-лигата и загуби на пенали од Ливерпул и во Лига-купот и во ФА-купот. Освојувањето на клупското Светско првенство (СП) и Суперкупот на Европа лани значеше дека не беше без трофеј сезоната, но амбициозниот Маунт е гладен за повеќе, бидејќи Англија, исто така, се подготвува за СП во Катар од ноември.
– Секоја сезона сакате да направите повеќе, да победувате повеќе, така што поставувам повисоки цели. Освоивме два трофеја во минатата сезона, а можеа да бидат и четири. Затоа сакаме да се засилиме, да продолжиме. Ние сме тим и клуб што победува со тој победнички менталитет. Многу сме возбудени и со нетрпение очекуваме што ќе донесе и Светското првенство. Има возбуда низ целата земја, особено по она што се случи на Европското првенство. Чувствувам дека ќе биде добро – вели Маунт.