ВО ПРЕСРЕТ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРКИ

Бразилската икона Марта ќе има цел да го зголеми својот рекорд како најдобар стрелец на турнирот на сите времиња, откако досега погоди 17 пати, но има цел да стане и првата фудбалерка што постигнала гол на шест изданија на мундијалите, за што конкуренција ќе има во легендарната напаѓачка на Канада, Кристин Синклер

Во пресрет на деветтото Светско првенство (СП) за фудбалерки, што од 20 јули ќе се игра во Австралија и во Нов Зеланд, потврдени се составите за сите 32 репрезентации на турнирот, на кој ќе настапат 736 од најдобрите светски фудбалерки, секоја со сон да го освои трофејот на стадионот „Австралија“ во Сиднеј.

Светскиот шампионат почнува со дуелите на домаќините, Нов Зеланд ќе игра со шампионките од Светското првенство во 1995 година, Норвешка, а Австралија со дебитантот на светските шампионати, репрезентацијата на Република Ирска.
На годинашниот Мундијал бразилската фудбалска легенда Марта ќе има цел да го зголеми својот рекорд како најдобар стрелец на светските првенства на сите времиња. Суперѕвездата досега погоди 17 пати на планетарните шампионати и е подготвена да се натпреварува на нејзиното шесто СП.

Таа има цел да стане првата фудбалерка што постигнала гол на шест изданија на мундијалите, но ќе има конкуренција од легендарната напаѓачка на Канада, Кристин Синклер, која, исто така, има цел да ја затресе мрежата на шестиот глобален шампионат, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Напаѓачката на Јужна Кореја, родена во САД, Кејси Фер, во меѓувреме, е најмладата фудбалерка именувана на официјалните списоци за СП 2023. Фер го прослави својот 16-ти роденден на 29 јуни, што значи дека ако настапи на кој било од првите два групни натпревари на репрезентацијата на Јужна Кореја, таа ќе стане најмладата фудбалерка во историјата на светските првенства. Сегашната рекордерка е Нигеријката Ифеани Чиеџине, која имала 16 години и 34 дена кога настапила на мечот со Северна Кореја, во САД, во 1999 година, пишува ФИФА.

Светското првенство годинава е прво на кое ќе играат 32 селекции (досега настапуваа по 24 селекции). Репрезентацијата на САД, чиј селектор е македонскиот стручњак Влатко Андоновски, е актуелен светски шампион на Северна Америка и најтрофејна селекција на мундијалите, со четири светски титули (во 1991, 1999, 2015 и во 2019 година). На првенството ќе играат и другите досегашни шампиони, Германија (2003, 2007), Јапонија (2011) и Норвешка (1995), потоа актуелните континентални прваци Кина (Азија), Англија (Европа), Бразил (Јужна Америка) и Јужна Африка (Африка), осум дебитанти, Филипини, Виетнам, Мароко, Замбија, Хаити, Панама, Португалија и Република Ирска… Н.М.