Досега седум клуба од шест земји успеале во една сезона да станат европски прваци, шампиони на својата земја и победници на домашниот куп, од нив два клуба го сториле тоа по двапати, а само една земја е застапена со два тима. Манчестер сити сезонава води во првенството на Англија, ќе игра во финалето на ФА-купот и во полуфиналето на Лигата на шампионите

ФУДБАЛ

Манчестер сити со победата над Лидс со 2-1 остана во трката за нова титула во англиската фудбалска Премиер-лига, но и на патот кон несекојдневен успех – три големи трофеи во една сезона. Актуелниот англиски првак со новите три бода, по 33 меча сезонава (од вкупно 38), има четири бода повеќе од второпласираниот Арсенал. Манчестер сити утре го почнува полуфиналниот двомеч во Лигата на шампионите со шпанскиот Реал Мадрид, актуелен европски првак. Идниот месец, пак, Манчестер сити треба да се сретне со градскиот ривал Манчестер јунајтед, во финалето на ФА-купот.
Досега седум клуба од шест земји успеале во една сезона да станат европски прваци, шампиони на својата земја и победници на домашниот куп, од нив два клуба го сториле тоа по двапати, а само една земја е застапена со два тима. Од Англија засега само Манчестер јунајтед остварил ваков успех во една сезона.
Прв на оваа листа се запиша шкотскиот Селтик од Глазгов, со неверојатната серија трофеи во 1967 година. Селтик во таа година ја освои својата единствена европска титула, потоа 22-от трофеј за првак на Шкотска (сега има 52), како и 19-от пехар за Купот на Шкотска (сега е рекордер со 40). Згора, Селтик таа година победи и во Лига-купот на Шкотска, како и во Интерконтиненталниот куп (натпреварување сега со име Светско клупско првенство).
Потоа следуваше славната генерација на холандски Ајакс од Амстердам, која тројната круна ја освои во 1972 година, триумфирајќи вторпат во Купот на шампионите (сега натпреварување со име Лига на шампионите, во кое Ајакс има вкупно четири трофеи), како и во домашните натпреварувања, и тоа 15-ти пат во првенството на Холандија (сега е рекордер со 36) и седми пат во домашниот куп (исто така рекордер, со 20), на што ја придодаде и светската клупска титула таа година.

По пауза од 16 години, троен успех забележа уште еден холандски тим, ПСВ Ајндховен. Во 1988 година ПСВ Ајндховен првпат стана европски шампион, десетти пат првак на Холандија (сега има 24 титули) и четврти пат во домашниот куп (сега има 11).
Единаесет години подоцна Манчестер јунајтед се закити со тројна круна (ја освои втората од трите европски титули, 12-та од 20-те домашни и го забележа 10-от од 12 досегашни триумфи во ФА-купот, на што ја придодаде и светската клупска титула), а една деценија подоцна следуваа две сезони по ред во кои клубовите освојуваа тројни круни, и тоа Барселона (трета европска титула, подоцна освои уште две, 19-та во Шпанија од вкупно 27 и 25-та во Купот од вкупно 31, потоа стана и светски првак) и Интер (ја освои третата европска титула, 18-та од 19-те титули во домашното првенство и го освои шестиот од осумте трофеи во Купот на Италија, а и Интер таа година стана светски шампион).
Баерн се надоврза во 2013 година (ја освои петтата од шесте европски титули, 23-та домашна од вкупно досега 32 и 16-ти пат победи во Купот на Германија, сега има 20, но и тој потоа стана и светски првак), а Барселона ја повтори тројната круна во 2015 година (стана и планетарен шампион), а уште еднаш серија вакви трофеи освои Баерн, во 2020 година (и тој додаде нова светска титула). Г.М.


КЛУБОВИ СО ТРОЈНА КРУНА КЛУБ ГОДИНА

Селтик 1967
Ајакс 1972
ПСВ 1988
Манчестер Ј. 1999
Барселона 2008 и 2015
Интер 2010
Баерн 2013 и 2020

тројна круна – трофеи за европски првак, домашен шампион и за победник во домашен куп