Финска е одлична репрезентација, сериозен тим со кој ќе биде тешко. Исто така, Азербејџан е во голем подем. Овие натпревари ќе ни послужат за нашиот правец и насока за иднината, изјави селекторот Милевски. Црвено-жолтите петти пат ќе заокружат една година со повеќе од 10 одиграни натпревари, откако со двата претстојни меча ќе имаат 11
ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА ДУЕЛ СО ФИНСКА, В НЕДЕЛА СО АЗЕРБЕЈЏАН
Македонската фудбалска репрезентација денеска (18 часот) ќе го одигра вториот пријателски меч годинава, десетти вкупно во 2022 година и петти со селекцијата на Финска, во Скопје, на арената „Тодор Проески“. В недела претстои уште еден дуел на Македонија во Скопје, со репрезентацијата на Азербејџан (14 часот).
– Финска е одлична репрезентација, сериозен тим со кој ќе биде тешко. Исто така, Азербејџан е во голем подем. Овие натпревари ќе ни послужат за нашиот правец и насока за иднината – изјави селекторот Благоја Милевски за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Претходниот меѓусебен натпревар на Македонија и на Финска, во 2018 година, на неутрален терен во Турција, заврши со реми без голови. Од тој состав, за мечот денеска во македонската селекција се 10 фудбалери.
Црвено-жолтите петти пат ќе заокружат една година со повеќе од 10 натпревари. Рекордна беше 2021 година со 15 меча (две пријателски средби), два помалку беа одиграни во 2001 година (шест тест-дуела), а по 11, колку што Македонија ќе одигра и годинава (од 11-те, три се пријателски), имаше и во 1998 (осум пријателски) и во 2004 година (шест тест-средби).
Состав: Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски, Кристијан Наумовски, Игор Алексовски (голмани), Дарко Велковски, Висар Муслиу, Езѓан Алиоски, Тодор Тодоровски, Стефан Ашковски, Никола Серафимов, Кире Ристевски, Егзон Бејтулаи, Стефан Ристовски (одбрана), Енис Барди, Агон Елези, Јани Атанасов, Стефан Спировски, Давид Бабунски, Бобан Николов, Елиф Елмас (среден ред), Бојан Миовски, Ваљон Етеми, Љупче Дориев, Илија Несторовски, Мартин Мирчевски и Дориан Бабунски (напад).
ФФМ преку „мк-тикетс“ почна со продажба на влезниците за натпреварите со Финска и со Азербејџан, по цена од 150 до 200 денари.